Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Закон за ловството

Posted by  Published in: Закони и правилници


 

ЗАКОН ЗА ЛОВСТВОТО

Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година

 

  I. ОПШТИ ОДРЕДБИ


Член 1


 Со овој закон се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови.

 

Член 2


 Дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за заштита на природата.

 

Член 3

 

Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат;

2. Ловство е одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови;

3. Ловостој е временски период за одредени видови дивеч за кои е забрането ловење во ловиштето;

4. Ловиште е определена површина на земјиште и води што претставува природна целина и во која постојат услови за траен опстанок, одгледување, заштита, ловење и користење на дивеч;

5. Отворено ловиште е ловиште во кое е овозможено непречено движење на дивечот од едно ловиште во друго;

6. Оградено ловиште е ловиште кое е оградено со природни препреки (широки водотеци, езерски површини, високи планински сртови), или вештачки препреки (огради) кои ја спречуваат или намалуваат можноста дивечот да ја напушти таа површина;

7. Ловно-технички објекти се објекти кои служат за одгледување, заштита и користење на дивечот и се: засолништа за дивеч, поила, калишта, хранилишта, складишта за храна, солишта, ловки, чеки, набљудувачници за дивеч, најразлични типови на огради и објекти за сместување;

8. Концесија е право на користење на дивечот во ловиштето;

9. Концесионер на дивечот во ловиштето е домашно или странско правно лице кое од страна на Владата на Република Македонија добило концесија на дивечот во ловиштето;

10. Општа ловностопанска основа е плански документ за период од 20 години кој го донесува Собранието на Република Македонија и се однесува за целата територија на Република Македонија и содржи податоци за: развој на ловството, сегашна состојба на ловството, востановени ловишта, досегашни стопанисувачи со ловиштата, природни карактеристики во однос на опстанокот и развојот на дивечот (орографски, геолошки, педолошки, хидрографски услови, клима, вегетација, демографски и урбанистички карактеристики), видови на дивеч и распространетост, ловностопански подрачја, сегашна бројна состојба, одгледување и заштита на дивечот, можности за формирање на државни ловишта, уредување на ловишта, заштитни мерки, штети од дивеч и врз дивеч,здравствена состојба на дивечот, одгледување и заштита на дивечот, економско финансиски показатели, цели на стопанисување и научно-истражувачки кадри во ловството;

11. Посебна ловностопанска основа е плански документ за период од десет години кој го донесува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за секое ловиште посебно во кој се содржани податоци за: граници, структура, намена и пристапност на ловиштето, природни услови, бројна состојба, ловнотехнички објекти, реонирање и бонитирање на ловиштето, анализа на сегашната и споредба на нормалната состојба на дивечот, временски период за постигнување на нормалната бројна состојба на дивечот, прираст на популациите на дивечот, одгледно-заштитни мерки, уреденост на ловиштето, приходи и расходи;

12. Ловочувар е униформирано лице, овластено од концесионерот на дивечот во ловиштето, вооружено со соодветно оружје, кое поседува легитимација за ловочувар и има овластувања утврдени со овој закон;

13. Ловен испектор е лице задолжено за надзор над спроведување на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон;

14. Ловење дивеч е барање, причекување, набљудување, следење, застрел и фаќање на жив дивеч, како и собирање на јајца од пердувест дивеч, пцовисан дивеч и негови делови, опаднато роговје, кожи и крзна;

15. Користење дивеч и негови делови е користење на месо од дивеч, рогови, роговје, кожи и крзно;

16. Ловечки трофеи се делови од дивеч кои се оценуваат согласно со меѓународните стандарди усвоени со договор кој го ратификувала Република Македонија и за кои се издава трофеен лист;

17. Алохтони видови дивеч се нови видови дивеч кои не постојат во екосистемот на Република Македонија;

18. Главни ловностопански видови се срна, обичен елен, дива свиња, зајак, полска еребица, еребица камењарка и фазан и

19. Ловна година е временски период од 1 април во тековната година до 31 март во наредната година во кој се вршат сите активности за ловење и користење на дивечот, водење на евиденција и изготвување на плански документи.

 

Член 4

 

Дивечот се одгледува, заштитува, лови и користи во ловиште според посебна ловностопанска основа.

 

 

II. ВИДОВИ НА ЖИВОТНИ И ПТИЦИ

 

Член 5

 

Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици:

 

ЦИЦАЧИ:

 

а) крупен

1) обичен елен (Cervus elaphus L.);

2) елен лопатар (Dama dama L.);

3) срна (Capreolus capreolus L.);

4) дивокоза (Rupicapra rupicapra L.);

5) муфлон (Ovis musimon Schreb.);

6) мечка (Ursus arctos L.);

7) дива свиња (Sus scrofa L.);

8) рис (Lynx lynx L.);

9) волк (Canis lupus L.) и

10) чакал (Canis aureus L.) и

 

б) ситен

11) зајак (Lepus europaeus Pall.);

12) верверица (Sciurus vulgaris L.);

13) бизамски глушец (Fiber zibethicus L.);

14) полв (Glis glis L.);

15) стоболка (Citellus citellus L.);

16) видра (Lutra lutra L.);

17) лисица (Vulpes vulpes L.);

18) дива мачка (Felis silvestris Schreb.);

19) куна златка (Martes martes L.);

20) куна белка (Martes foina Erh.);

21) мала ласица (Mustela nivalis L.);

22) твор (Mustela putorius L.) и

23) јазовец (Meles meles L.).

 

ПТИЦИ:

а) крупни

24) голема дропла (Otis tarda L.) и

 

б) ситни

25) мала дропла-прскач (Tetrax tetrax L.);

26) лештарка (Bonasa bonasia L.);

27) фазан (Phasianus sp.);

28) полска еребица (Perdix perdix L.);

29) еребица камењарка (Alectoris greaca Meisner.);

30) потполошка-препелица (Coturnix coturnix L.);

31) гулаб-гривнеж (Columba palumbus L.);

32) гулаб-дупкар (Columba öenas L.);

33) див гулаб или гулаб пештерник (Columba livia Gm.);

34) грлица (Streptopelia turtur L.);

35) гугутка (Sreptopelia decaocto Friv.);

36) шумска шљука (Scolopax rusticola L.);

37) ритска или барска шљука (Gallinago gallinago L.);

38) шљука ливадарка или голем бекасин (Gallinago media-Latham.);

39) мал бекасин (Lymnocryptes minumus-Brunn.);

40) дива гуска (Anser anser L.);

41) белочелна гуска (Anser albifrons Scop.);

42) лисеста гуска (Anser erythropus L.);

43) гуска глоговница (Anser fabalis Latham.);

44) морска утва (Tadorna tadorna L.);

45) морски гуски (Branta sp.);

46) дива пајка или пајка глуварка (Anas platyrhynchos L.);

47) берија или крѓа (Anas crecca L.);

48) пајка-ластарка или калкурук (Anas acuta L.);

49) пајка пупчаница (Anas querquvedula L.);

50) пајка-лажичарка (Anas clupeata L.);

51) белоока њорка (Aythya nyroca Guld.);

52) пајка свиркач (Anas penelope L.);

53) сива пајка (Anas strepera L.);

54) пајка превез (Netta rufina L.);

55) црвеноглава њорка или алмабаш (Aythya ferina L.);

56) цуцулеста њорка (Aythya fuligula L.);

57) жолтоклун лебед или лебед пејач (Cygnus cygnus L.);

58) нем лебед (Cygnus olor-Gmel.);

59) прдавец (Crex crex L.);

60) лиска (Fulica atra L.);

61) бел штрк (Ciconia ciconia L.);

62) црн штрк (Ciconia nigra L.);

63) блескав или црн ибис (Plegadis falcinellus L.);

64) пепелава чапја (Ardea cinerea L.);

65) црвена чапја (Ardea purpurea L.);

66) бела чапја (Egretta alba L.);

67) мала бела чапја или сребреникава чапја (Egretta garzetta L.);

68) жолта чапја (Ardeola ralloides Scop.);

69) ноќна чапја или гак (Nycticorax nycticorax L.);

70) мал воден бик или мало чапјиче (Ixobrychus minutus L.);

71) воден бик или букавец (Botaurus stellaris L.);

72) розов пеликан (Pelecanus onocrotalus L.);

73) кадрав пеликан (Pelecanus crispus Bruck.);

74) голем корморан (Phalacrocorax carbo L.);

75) мал корморан (Phalacrocorax pygmenus Pall.);

76) голем нуркач (Podiceps cristatus L.);

77) обичен нуркач (Podiceps griseigena Bodd.);

78) мал нуркач (Tachybaptus rufficollis Pall.);

79) сив жерав (Grus grus L.);

80) обичен галеб (Larus ridibundus L.);

81) мал галеб (Larus minutus Pall.);

82) блатно коковче (Ralluus aquaticus L.);

83) зелено коковче (Gallinula chloropus L.);

84) калуѓерка (Vanellus vanellus L.);

85) чурулин (Burhinus oedicnemus L.);

86) сив сокол (Falco peregrinus Tunst.);

87) сокол остриж (Falco subbuteo L.);

88) јужен сокол (Falco biarmicus L.);

89) мал сокол (Falco columbarius L.);

90) ветрушка црнонокта (Falco tinnunculus L.);

91) белонокта ветрушка (Falco naumanni Fleisch.);

92) црвенонога ветрушка (Falco vespertinus L.);

93) јастреб-кокошкар (Accipiter gentilis L.);

94) јастреб врапчар (Accipiter nisus L.);

95) кусопрст (краткопрст) јастреб (Accipiter brevipes L.);

96) обичен глувчар (Buteo buteo L.);

97) гаќест глувчар (Buteo lagopus Brunn.);

98) лисест глувчар (Buteo rufinus L.);

99) глувчар осаш (Pernis apivoris L.);

100) еја мочуришна (Circus aeruginosus L.);

101) еја ливадарка (Circus pygargus L.);

102) еја полска (Circus cyanesus L.);

103) луња ‘рѓеста (Milvus milvus L.);

104) луња црна (Milvus migrans Bodd.);

105) сур орел (Aquila chrysaëtos L.);

106) орел крстач или орел зајачар (Aquila heliaca Sav.);

107) орел клокташ (Aquila clanga Pall.);

108) џуџест орел (Hieraaëtus pennatus Gm.);

109) орел рибар (Pandion haliaëtus L.);

110) белоопашест орел (Haliaeëtus albicilla L.);

111) орел змијар (Circaetus gallicus Gm.);

112) бел мршојадец (Neophron perenopterus L.);

113) белоглав мршојадец (Gyps fulvus Habi.);

114) црн мршојадец (Aegypius monachus L.);

115) брадест (жолтоглав) мршојадец (Gypaëtus barbatus L.);

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

123) гавран (Corvus corax L.);

124) врана гачец (Corvus frugilegus L.);

125) пепелава врана или гарга (Corvus cornix L.);

126) чавка (Corvus monedula L.);

127) страчка (Pica pica L.);

128) сојка (Garrulus glandarius L.);

129) модра чавка (Coracias garrulous L.);

130) црвеноклуна галица (Pyrrhocorax pyrrhocorax L.);

131) галица чолица (Pyrrhocorax graculus L.);

132) сариjазма златна (Oriolus oriolus L.) и

133) сколовранец (Sturnus vulgaris L.).

 

 

III. ОДГЛЕДУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА ДИВЕЧОТ

 

Член 6

 

Одгледувањето и заштитата на дивечот опфаќа:

1) oбезбедување на услови за одгледување и заштита на дивечот;

2) oдржување на нормална бројна состојба на дивечот според капацитетот на ловиштето;

3) реинтродукција на основните ловностопански видови во ловиштето заради побрзо постигнување на капацитетот на ловиштето;

4) создавање на ремизи во ловиштето за размножување, заштита, прехрана и прихрана на дивечот под заштита;

5) преземање на превентивни и други мерки за заштита на дивечот од болести;

6) одржување на бројот на дивечот без заштита во обем кој не претставува опасност за дивечот под заштита;

7) отстранување на кучиња и мачки скитници;

8) обезбедување на храна, мир и вода за дивечот;

9) одредување и спроведување на ловостој, привремена и трајна забрана за ловење на одредени видови дивеч;

10) подигање и одржување на ловно-технички објекти во ловиштето;

11) вршење на лов со расни кучиња (педигрирани);

12) користење на соодветни средства за ловење и

13) чување на дивечот во ловиштето.

 

Член 7

 

(1) За одгледување и заштита како и за обезбедување на природната рамнотежа на дивечот во ловиштата, Владата на Република Македонија на предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, прогласува репроцентри.

(2) За репроцентар може да се прогласи цело ловиште или дел од ловиште и има статус на државно ловиште.

(3) Репроцентрите служат само за размножување, одгледување и заштита на одделни видови дивеч, а со цел за збогатување на ловиштата со атрактивен или проретчен дивеч.

(4) Правата и обврските меѓу концесионерот на дивечот во ловиштето или дел од него, кое се прогласува за репроцентар и Владата на Република Македонија се уредуваат со договор со кој дивечот во ловиштето е даден на користење, односно управување, согласно со членовите 29 и 34 од овој закон.

(5) За развој и унапредување на ловството како и за одгледување и заштита на дивечот под заштита во репроцентрите, Владата на Република Македонија донесува годишна програма. За реализација на оваа програма, средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

 

Член 8

 

(1) Ловно-техничките објекти во ловиштето се основни средства на ловиштето.

(2) Вредноста на оградите за одгледување и заштита на дивечот, оградите за интензивно одгледување и застрел на дивечот и објектите за сместување (ловни куќи), по истекот на периодот за користење на дивечот во ловиштето, новиот концесионер на дивечот во ловиштето се обврзува да му ја надомести на поранешниот концесионер на дивечот во ловиштето според пазарната вредност утврдена од страна на овластен проценител.

 

Член 9

 

(1) Дивечот од членот 5 на овој закон е дивеч под заштита и дивеч без заштита.

(2) Дивеч под заштита е: срна, обичен елен, елен лопатар, дивокоза, муфлон, мечка, дива свиња, зајак, верверица, рис, видра, чакал, полв, стоболка, голема дропла, мала дропла-прскач, лештерка, фазан, полска еребица, еребица камењарка, потполошка-препелица, гулаб гривнеж, гулаб дупкар, див гулаб или гулаб пештерник, грлица, гугутка, шумска шлука, ридска или барска шлука, шлука ливадарка или голем бекасин, мал бекасин, дива гуска, белочелна гуска, лисеста гуска, гуска глоговница, морска утва, морски гуски (Branta sp.), дива пајка или пајка глувара, берија или крѓа, пајка ластарка или калкурук, пајка пупчаница, пајка лажичарка, белоока њорка, пајка свиркач, сива пајка, пајка превез, црноглава њорка или алмабаш, цуцулеста њорка, жолтоклун лебед или лебед пејач, нем лебед, прдавец, лиска, бел штрк, црн штрк, блескав или црн ибис, црвена чапја, бела чапја, мала бела чапја или сребреникава чапја, жолта чапја, ноќна чапја или гак, мал воден бик или мало чапјиче, воден бик или букавец, розов пеликан, кадрав пеликан, мал корморан, голем нуркач, обичен нуркач, мал нуркач, сив жерав, обичен галеб, мал галеб, блатно коковче, зелено коковче, калуѓерка, чурулин, сив сокол, сокол остриж, јужен сокол, мал сокол, ветрушка црнонокта, белонокта ветрушка, црвенонога ветрушка, јастреб врапчар, кусопрст (краткопрст) јастреб, обичен глувчар, гаќест глувчар, лисест глувчар, глувчар осаш, ејa мочуришна, еја ливадарка, еја полска, луња 'рѓеста, луња црна, сур орел, орел крстач или орел зајачар, орел клокташ, џуџест орел, орел рибар, белоопашест орел, орел змијар, бел мршојадец, белоглав мршојадец, црн мршојадец, брадест (жолтоглав) мршојадец, голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија, гавран, сојка, модра чавка, црвеноклуна галица, галица чолица и златна сариасма (3) Дивеч без заштита е: волк, бизамски глушец, лисица, куна златка, куна белка, мала ласица, твор, голем корморан, јастреб кокошкар, врана гачец, пепелава врана или гарга, чавка, страчка и сколовранец.

 

Член 10

 

(1) Внесување алохтони видови дивеч во ловиште, може да се врши само врз основа на одобрение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на стручна документација доставена од наставно-научна институција, што ја овластил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(2) Наставно-научната институција од ставот (1) на овој член за да се овласти треба да ја проучува проблематиката од ловството и да има вработено најмалку еден доктор на науки од областа на ловството.

 

Член 11

 

(1) За дивечот под заштита се утврдува ловостој, привремена и трајна забрана за ловење.

(2) За време на ловостој, привремена и трајна забрана за ловење, дивечот под заштита не смее да се лови, прогонува или вознемирува, доколку со овој закон поинаку не е определено.

 

Член 12

 

(1) Ловостој се утврдува за:

- срнак од 1 октомври до 30 април,

- срна од 1 февруари до 30 септември,

- младенчиња - едногодишни и двегодишни од срна од 1 февруари до 30 септември,

- обичен елен од 1 февруари до 31 август,

- еленка - кошута од 1 јануари до 31 октомври,

- младенчиња - едногодишни и двегодишни од обичен елен од 1 јануари до 31 октомври,

- елен лопатар од 1 февруари до 15 септември,

- кошута еленка лопатар од 1 јануари до 31 октомври,

- младенчиња - едногодишни и двегодишни од елен лопатар од 1 јануари до 31 октомври,

- муфлон машки од 1 февруари до 15 септември,

- муфлон женски од 1 февруари до 30 септември,

- младенчиња-едногодишни и двегодишни од муфлон од 1 февруари до 30 септември,

- дивојарец од 1 јануари до 31 јули,

- дивокоза од 1 јануари до 30 септември,

- младенчиња - едногодишни и двегодишни од дивокоза од 1 јануари до 30 септември,

- дива свиња од 1 февруари до 30 септември,

- зајак, полска еребица, еребица камењарка, лештарка од 15 декември до 10 октомври,

- фазан од 1 јануари до 30 септември и

- потполошка - препелица, гулаб гривнеж, гулаб-дупкар, див гулаб или гулаб пештерник, грлица, гугутка, шумска шљука, ридска или барска шљука, шлука ливадарка или голем бекасин, мал бекасин, дива гуска, белочелна гуска, лисеста гуска, гуска глоговница, морски гуски (Branta sp.), дива пaјка или пајка глувара, берија или крѓа, пајка ластарка или калкурук, пајка пупчаница, црвеноглава њорка или алмабаш, цуцулеста њорка, белоока њорка и лиска од 1 април до 31 јули.

(2) Ловостојот од ставот (1) на овој член не се однесува на машките видови дивеч и тоа: срнак, обичен елен, елен лопатар, муфлон и дива свиња, доколку истиот се одгледува во оградени простории за интензивно одгледување и застрел на дивеч.

 

Член 13

 

Трајно се забранува ловење на: мечка, рис, дива мачка, јазовец, видра, чакал, верверица, полв, стоболка, голема дропла, мала дропла-прскач, морска утва, пајка лажичарка, пајка свиркач, сива пајка, пајка превез, жолтоклун лебед или лебед пејач, нем лебед, прдавец, бел штрк, црн штрк, блескав или црн ибис, црвена чапја, пепелава чапја, бела чапја, мала бела чапја или сребреникава чапја, жолта чапја, ноќна чапја или гак, мал воден бик или мало чапјиче, воден бик или буковец, розов пеликан, кадрав пеликан, голем нуркач, обичен нуркач, мал нуркач, сив жерав, обичен галеб, мал галеб, блатно коковче, зелено коковче, калуѓерка, чурулин, сив сокол, сокол остриж, јужен сокол, мал сокол, ветрушка црнонокта, белонокта ветрушка, црвенонога ветрушка, јастреб врапчар, кусопрст или краткопрст јастреб, обичен глувчар, гаќест глувчар, лисест глувчар, глувчар осаш, еја мочуришна, еја ливадарка, еја полска, луња 'рѓеста, црна луња, сур орел, орел крстач, орел клокташ, џуџест орел, орел рибар, белоопашест орел, орел змијар, бел мршојадец, белоглав мршојадец, црн мршојадец, брадест (жолтоглав) мршојадец, голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија, гавран, модра чавка, црвеноклуна галица, галица чолица, сариjазма златна, мал корморан и сојка.

 

Член 14

 

Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон.

 

Член 15

 

(1) За потребите на науката, наставата, зоолошките градини и природонаучните музеи, како и за одгледувачки цели и за спречување на заразни болести, може да се одобри ловење на дивеч за време на привремена забрана, трајна забрана, за време на ловостој, како и вршење на дејствија од членот 13 на овој закон, по претходно одобрение на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(2) Со одобрението од ставот (1) на овој член се определува и начинот на вршење на ловењето.

(3) За одобрението од ставот (1) на овој член, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува Владата на Република Македонија во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението.

 

Член 16

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да:

1) го продолжи времето дозволено за лов на дивечот под заштита доколку тој е пренамножен и го загрозува имотот на корисникот на земјиштето и водите на кои е установено ловиштето како и на околните земјишта и води по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање;

2) го скрати или промени времето за лов на одредени видови дивеч под заштита на одредено време, заради заштита на нејзината бројна состојба, заштита на здравјето на луѓето, добитокот, појави на заразни болести, хемиско и радиолошко загадување;

3) привремено го забрани ловењето во одредено подрачје или на целата територија на Република Македонија на редок или прореден дивеч под заштита;

4) привремено го забрани ловењето во одредено подрачје или на целата територија на Република Македонија доколку има опасност од појава на заразни болести или се појават заразни болести кaj дивечот;

5) го дозволи ловот на трајно заштитен дивеч, ако прави штети во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање;

6) го дозволи ловот на пренесувачи на зараза во секое време и на секое место за дивеч под заштита;

7) го забрани преземањето одредени дејствија на површини, штетни за одгледување, размножување и привремено населување на одделни видови дивеч по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Член 17

 

(1) За уништен дивеч без заштита може да се додели парична награда.

(2) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го утврдува видот на дивечот без заштита од членот 9 став (3) на овој закон и висината на паричната награда.

(3) Средствата за наградата од ставот (1) на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

 

Член 18

 

(1) Дивечот без заштита може да се лови доколку не се загрозува неговиот траен опстанок.

(2) За ловење на дивеч без заштита концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да води евиденција.

 

Член 19

 

(1) Забрането е ловење, чување, купопродажба на птици, како и уништување на гнезда, собирање, присвојување и уништување на младенчиња и јајца на птици кои не претставуваат дивеч.

(2) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ги определува видовите диви птици кои се корисни.

 

Член 20

 

Забрането е движење на лица со пушка и други средства за лов во ловиштето, без дозвола за ловење од концесионерот на дивечот во ловиштето.

 

Член 21

 

Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен наизменично да забранува ловење две години едноподруго, најмалку на една четвртина од вкупната површина на ловиштето.

 

Член 22

 

Правните или физичките лица кои употребуваат средства за заштита на растенијата или други хемиски средства, се должни да го известат концесионерот на дивечот во ловиштето, најмалку 48 часа пред употреба на средствата, со укажување за последиците согласно со упатството за употреба на средствата.

 

Член 23

 

Забрането е палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиште.

 

Член 24

 

(1) Имателот на овчарско куче не смее да дозволи движење на кучето во ловиштето, на далечина поголема од 200 м од стадото без придружба.

(2) Имателот на куче или мачка не смее да ги пушта да се движат низ ловиштето без придружба на далечина поголема од 300 м од живеалиштето на сопственикот.

 

Член 25

 

(1) Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да организира постојана ловочуварска служба.

(2) Ловочувар може да биде лице со завршено најмалку средно образование од шумарска насока или со друго средно образование со положен ловечки испит согласно со овој закон и да ги исполнува условите за носење оружје, согласно со Законот за оружје.

 

Член 26

 

(1) Ловочуварот службата ја врши во униформа и вооружен со соодветно оружје.

(2) Ловочуварот има легитимација што ја издава корисникот на дивечот во ловиштето.

(3) Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да води евиденција за издадените легитимации за ловочувари и до 31 декември во тековната година да достави податоци за лицата кои поседуваат легитимација до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(4) Доколку во текот на годината настанат промени во ловочуварската служба, корисникот на дивечот во ловиштето е должен веднаш да го извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за настанатите промени.

(5) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува бојата и кројот на униформата, содржината на образецот на легитимацијата, како и видот на оружјето на ловочуварот.

 

Член 27

 

(1) Ловочуварот во вршењето на својата работа е овластен да:

1) го утврди идентитетот на секое лице кое лови дивеч или се движи низ ловиштето со средства за ловење;

2) врши преглед на уловот и на документацијата што го придружува уловот во ловиштето;

3) врши преглед на сите видови возила и товари во ловиштето со кои може да се превезува или пренесува уловот, односно трофејот, како и местата каде што може да се чува уловот или трофејот;

4) привремено ги одзема средствата употребени или наменети за лов, уловениот дивеч или негови делови, ако ловењето или движењето во ловиштето е извршено спротивно на одредбите од овој закон;

5) го спречува уништувањето и присвојувањето на дивечот и неговите

младенчиња како и уништувањето и расипувањето на неговите гнезда, седала и јајца, спротивно на овој закон;

6) го спречува ловењето на дивеч на недозволен начин и со недозволени средства;

7) го пријави ранетиот или болен дивеч на концесионерот на дивечот во ловиштето и

8) го извести корисникот на дивечот во ловиштето и ветеринарната служба за појави на болести и угинување на дивечот и други животни, како и за непосредна опасност по дивечот од појави на елементарни непогоди (поплави, големи снегови, пожари и слично).

(2) Лицата затекнати во ловиштето се должни на ловочуварот да му овозможат извршување на неговите овластувања и да му ги дадат потребните податоци.

 

 

IV. ЛОВИШТА

 

Член 28

 

(1) Ловиште востановува Владата на Република Македонија во согласност со Просторниот план на Република Македонија.

(2) Владата на Република Македонија од востановените ловишта од ставот (1) на овој член определува државни ловишта.

(3) Со востановувањето на ловиштето се одредуваат неговите граници, површината и намената.

(4) Во однос на видот на дивечот што живее или што може да се одгледува, ловиштата можат да бидат наменети за одгледување крупен и/или ситен дивеч, во зависност од главните ловностопански видови.

 

Член 29

 

Државните ловишта на предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на Република Македонија ги дава на управување на правни лица кои вршат дејност од јавен интерес од областа на шумарството, ловството или заштитата на животната средина, како и на установи за наставно-научни цели.

 

Член 30

 

Површината на востановеното ловиште во зависност од видот на дивечот што ќе се одгледува не може да биде:

- помала од 1.000 ха, ниту поголема од 13.000 ха за ситен дивеч и

- помала од 2.000 ха, ниту поголема од 25.000 ха за крупен дивеч.

 

Член 31

 

(1) Во вкупната површина на ловиштата на целата територија на Република Македонија не се опфатени деловите на природата кои се прогласени за заштитени согласно со Законот за заштита на природата.

(2) Ловна површина во ловиштата претставуваат делови на ловиштата на кои постојат услови за стопанисување со дивечот и тоа: шуми, ливади, пасишта, ораници, трстици и бари.

(3) Неловна површина во ловиштата претставуваат: населбите, повеќегодишни овошни и лозови насади, површини за интензивно земјоделско производство ако се оградени со ограда, гробиштата, јавните патишта, железничките пруги, аеродромите, воените објекти, неизградено градежно земјиште и водните површини (акумулации, рибници, реки и природни езера).

 

Член 32

 

(1) Ловиштата можат да бидат: отворени и оградени.

(2) Отворено ловиште е ловиштето во кое е овозможено непречено движење на дивечот од едно ловиште во друго.

(3) Оградено ловиште е ловиштето кое е оградено со природни препреки (широки водотеци, езерски површини, високи планински сртови), или вештачки препреки (огради) кои ја спречуваат или намалуваат можноста дивечот да ја напушти таа површина.

 

Член 33

 

(1) Концесионерот на дивечот во ловиштето може да огради посебен простор не поголем од 150 ха за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалиште), како и простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч чија големина не може да биде помала од 150 ха.

(2) За оградување на просторот од ставот (1) на овој член, согласност дава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Физичко или правно лице кое не е концесионер на дивечот во ловиштето нема право да огради посебен простор за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалиште) како и простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч.

 

 

V. КОНЦЕСИЈА

 

Член 34

 

(1) Дивечот во ловиштата на користење со одобрение (концесија) го дава Владата на Република Македонија на домашно и странско правно лице кое ги исполнува условите предвидени со овој закон и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство.

(2) Странските правни лица од ставот (1) на овој член имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно со Законот за трговските друштва.

(3) Дивечот во ловиштето, согласно со овој закон не може да се дава на подконцесија.

(4) Дивечот во ловиштето се дава на концесија и тоа: ситниот дивеч за време од десет години, а крупниот дивеч за време од 20 години.

(5) Концесионерот на дивечот во ловиштето за кој добил концесија е должен дивечот да го одгледува и заштитува согласно со одредбите на овој закон.

(6) Концесионерите на дивечот во ловиштата можат да се здружуваат во ловечка федерација на Македонија и други форми на здружување согласно со закон.

Ловечката федерација на Македонија е доброволна национална асоцијација на ловците во Република Македонија.

 

Член 35

 

(1) Концесионер на дивеч во ловиште може да биде правно лице кое ги исполнува следниве услови:

1) да е регистрирано за вршење дејност ловство;

2) да има материјално-технички можности за вршење на дејноста ловство;

3) да понуди програма за развојни можности на дивечот под заштита во ловиштето и

4) да има вработено најмалку едно стручно лице со завршено високо или средно образование од шумарска струка со положен испит по предметот ловство.

(2) Правното лице се обврзува да обезбеди банкарска гаранција во висина на предвидениот надомест за концесија утврден во посебната ловностопанска основа за соодветното ловиште.

 

Член 36

 

(1) Давањето на дивечот во ловиштето со концесија се врши по пат на јавен конкурс.

(2) Одлуката за распишување на јавниот конкурс за давањето на дивечот во ловиштето на концесија ја донесува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Јавниот конкурс трае 30 дена од денот на распишувањето.

(4) При еднакви услови, предност има правното лице кое во последните три години вршело дејност ловство.

 

Член 37

 

(1) Како почеток на концесијата се смета денот утврден во Одлуката на Владата на Република Македонија за давање на дивечот во ловиштето со концесија.

(2) Меѓусебните права и обврски Владата на Република Македонија и лицата од членот 34 став (1) на овој закон на кои дивечот во ловиштето им се даде на концесија, се уредуваат со договор за концесија, согласно овој закон и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство.

(3) Во договорот за концесија на дивечот во ловиштето се уредуваат правата, обврските и одговорностите на Владата на Република Македонија и концесионерите на дивечот во ловиштето.

(4) Пред потпишување на договорот за концесија на дивечот во ловиштата, истиот се доставува на Државниот правобранител на Република Македонија.

(5) Надзор над спроведувањето на договорот за концесија на дивечот во ловиштето врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Член 38

 

(1) Ако на објавениот конкурс не се јави заинтересиран субјект, дивечот во ловиштето се дава на користење по пат на понуда.

(2) Ако користењето на дивечот во ловиштето не се договори ни по пат на понуда, Владата на Република Македонија привремено ќе го даде со присилна концесија на јавно претпријатие од областа на шумарството или од областа на заштитата на животната средина.

(3) Ако дивечот во ловиштето се даде на користење со присилна концесија, за начинот на обезбедување на средствата за вршење на дејноста ловство во ловиштето, лицата од ставот (2) на овој член склучуваат договор со Владата на Република Македонија.

 

Член 39

 

(1) Владата на Република Македонија може да го раскине договорот за концесија на дивечот во ловиштето и пред истекувањето на времето за концесија, ако концесионерот:

1) не ги спроведува одредбите од овој закон;

2) не ги исполнува обврските утврдени во договорот за концесија;

3) одгледува, заштитува, лови и користи дивеч спротивно на одредбите од посебната ловностопанска основа за соодветното ловиште и

4) не ја спроведува програмата за развојните можности на дивечот под заштита во ловиштето.

(2) Доколку се раскине договорот за концесија, Владата на Република Македонија ќе одреди субјект на кој ќе го даде дивечот на присилна концесија, до моментот на давање на концесија на дивечот согласно со членот 38 од овој закон.

(3) Правата и обврските на Владата на Република Македонија и субјектот на кој дивечот ќе се даде на присилна концесија, до моментот на давање на користење на дивечот согласно со членот 38 од овој закон, ќе се утврдува со договор.

 

Член 40

 

(1) За користење на дивечот во ловиштето концесионерот плаќа годишен надоместок.

(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член се утврдува во висина од 20% од вредноста на планираниот годишен застрел на дивечот согласно со посебната ловностопанска основа, а се плаќа до 30 јуни за тековната година, на сметка на Буџетот на Република Македонија.

(3) Вредноста на дивечот од ставот (2) на овој член, по видови ја утврдува Владата на Република Македонија, по предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

 

VI. ЛОВНОСТОПАНСКИ ОСНОВИ

 

Член 41

 

Одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот се врши според општа и посебни ловностопански основи.

 

Член 42

 

(1) Општата ловностопанска основа се усогласува со Просторниот план на Република Македонија, а ја донесува Собранието на Република Македонија.

(2) Важноста на општата ловностопанска основа е 20 години.

(3) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја изготвува општата ловностопанска основа и ја доставува до Владата на Република Македонија на усвојување, а Владата на Република Македонија ја доставува до Собранието на Република Македонија за донесување.

 

Член 43

 

(1) Општата ловностопанска основа од членот 42 став (1) на овој закон се изработува во две фази и тоа: нацрт и предлог.

(2) Владата на Република Македонија донесува одлука за ставање на нацртот на општата ловностопанска основа на јавен увид, којa се објавува во “Службен весник на Република Македонија“.

(3) Нацртот на општата ловностопанска основа се става на јавен увид најмалку 60 дена од денот на објавувањето на одлуката од ставот (2) на овој член.

(4) Стручната расправа по нацртот на општата ловностопанска основа ја организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(5) Врз основа на мислењата дадени од стручната расправа по нацртот на општата ловностопанска основа се изготвува предлог на општа ловностопанска основа, која се доставува на усвојување на Владата на Република Македонија.

(6) Средствата за изработка и рецензија на општата ловностопанска основа се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

 

Член 44

 

(1) Општата ловностопанска основа може да се изменува и дополнува во текот на најзината примена врз основа на научно-истражувачките сознанија, изменетите природни услови и потреби и други поводи за унапредување на општата ловностопанска основа.

(2) Изменувањето и дополнувањето на општата ловностопанска основа, во согласност со ставот (1) од овој член го врши Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.

 

Член 45

 

(1) Посебните ловностопански основи ги донесува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за секое ловиште посебно.

(2) Важноста на посебните ловностопански основи е десет години.

(3) Изработката на посебните ловностопански основи може да ја врши институција која има вработено најмалку пет шумарски инженери, кои имаат најмалку пет години работно искуство во областа на ловството.

(4) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство поблиску ја пропишува содржината на посебните ловностопански основи.

(5) Средствата за изработка и рецензија на посебните ловностопански основи се на товар на концесионерот на дивечот во ловиштето.

 

Член 46

 

(1) Општата ловностопанска основа се донесува за целата територија на Република Македонија и содржи податоци за: развој на ловството, сегашна состојба на ловството, востановени ловишта, досегашни стопанисувачи со ловиштата, природни карактеристики во однос на опстанокот и развојот на дивечот (орографски, геолошки, педолошки, хидрографски услови, клима, вегетација, демографски и урбанистички карактеристики), видови на дивеч и распространетост, ловностопански подрачја, сегашна бројна состојба, одгледување и заштита на дивечот, можности за формирање на државни ловишта, уредување на ловишта, заштитни мерки, штети од дивеч и врз дивеч, здравствена состојба на дивечот, одгледување и заштита на дивечот, економско-финансиски показатели, цели на стопанисување и научно-истражувачките кадри во ловството.

(2) Посебната ловностопанска основа се донесува за секое ловиште посебно и содржи податоци за: граници, структура, намена и пристапност на ловиштето, природни услови, бројна состојба, ловнотехнички објекти, реонирање и бонитирање на ловиштето, анализа на сегашната и споредба на нормалната состојба на дивечот, временски период за постигнување на нормалната бројна состојба на дивечот, прираст на популациите на дивечот, одгледно-заштитни мерки, уреденост на ловиштето, приходи и расходи.

 

Член 47

 

Мерките утврдени со посебната ловностопанска основа за соодветното ловиште се задолжителни за концесионерот на дивечот во ловиштето.

 

Член 48

 

(1) Ако во текот на важноста на посебната ловностопанска основа настанат одредени промени кои трајно или битно ги промениле основните фактори и го попречуваат нејзиното спроведување, концесионерот на дивечот во ловиштето е должен писмено да го извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за престанување на работите и да предложи нејзино изменување и дополнување.

(2) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е должно да изврши увид на лице место и да констатира дали е потребно изменување и дополнување на посебната ловностопанска основа.

(3) Изменување и дополнување на посебната ловностопанска основа се врши по иста постапка како и донесувањето на посебната ловностопанска основа.

 

Член 49

 

(1) Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да изготви годишен план за спроведување на посебната ловностопанска основа.

(2) Годишниот план од ставот (1) на овој член се изготвува најдоцна до 31 март во тековната година и се доставува на мислење до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Без позитивно мислење на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на годишниот план од ставот (2) на овој член, концесионерот на дивечот во ловиштето не може да го користи правото на застрел на дивечот во ловиштето.

(4) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на приемот на годишен план за спроведување на посебната ловностопанска основа ќе даде мислење до концесионерот на дивечот во ловиштата.

(5) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува содржината на годишниот план за спроведување на посебната ловностопанска основа.

 

Член 50

 

Корисниците на дивечот во ловиштата се должни извршените работи во ловиштата за претходната година да ги евидентираат во посебната ловностопанска основа најдоцна до 31 март во тековната година.

 

 

VII. ЛОВЕЊЕ И КОРИСТЕЊЕ НА ДИВЕЧОТ

И НЕГОВИТЕ ДЕЛОВИ

 

Член 51

 

Ловењето и користењето на дивечот и неговите делови во ловиштето се врши поединечно или групно.

 

Член 52

 

Под користење на дивеч и неговите делови се подразбира користење на месо, роговје, рогови, крзно и кожи.

 

Член 53

 

(1) Ловењето и користењето на дивечот и негови делови не е поврзано со тековната година, туку со ловна година со траење од 1 април во тековната, календарска година до 31 март во наредната година.

(2) Сите активности во ловиштата во однос на реализација на годишниот застрел, пребројувањето на дивечот, изготвувањето на планските документи и водењето на евиденција се поврзани со ловната година.

 

Член 54

 

Забрането е ловење дивеч:

- на начин и со средства со кои дивечот масовно се уништува,

- ноќно време, за време на поплави, големи снегови, непогоди и пожар,

- со стапици, мрежи, кафези, кошеви, клопки, вештачки и живи мамки, употреба на рефлектори, огледала и други средства со кои може да се заслепи дивечот, магнетофони, касетофони и грамофони, лепила, омамливи средства, чад и други хемиски средства, со затруена храна,

- со автоматска пушка и полуавтоматска пушка со повеќе од два куршума,

- со неловечка муниција,

- со сите видови на лажно оружје,

- со отров,

- газење на дивеч со возила,

- ловење на дивеч со сите видови на чамци на моторен погон,

- со кучиња ‘ртови и ловeчки кучиња кои не се регистрирани кај надлежната кинолошка организација во земјата или странство,

- во групи со кучиња, освен за ловење на дивата свиња и волкот

- на 200 метри од хранилиштата и поилиштата на дивечот и

- во појас од 100 метри од работ на населените места во рамничарските предели.

 

Член 55

 

(1) Ловење, односно застрел на дивеч се врши со ловечка пушка со сачма или со ловен карабин.

(2) По исклучок на ставот (1) од овој член концесионерот може да врши ловење, односно застрел на дивеч со лак и стрела и птици грабливки (соколарење) само по претходно одобрение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Застрел на обичен елен, елен лопатар, срна, дивокоза, муфлон и мечка (согласно со членот 16 точка 5) се врши само со ловен карабин.

 

Член 56

 

(1) За ловење можат да се користат ловечки кучиња кои се регистрирани кај надлежната кинолошка организација во земјата или странство.

(2) Концесионерот на дивечот во ловиштето во кое се лови двопапкарски дивеч треба да има ловечко куче - крвоследник.

 

Член 57

 

(1) Дивеч може да се лови со претходна дозвола издадена од концесионерот на дивечот во ловиштето.

(2) Дозволата за ловење на дивеч е документ кој го содржи времето за нејзината важност, видот и бројот на дивечот дозволен за ловење и обврските на ловецот за време на ловењето и по извршеното ловење.

(3) Дозволатa за ловење на дивеч е со важност од еден ден.

(4) Дозвола за ловење на дивеч може да се издаде на лице кое има положено ловечки испит.

(5) Дозвола за ловење на дивеч може да се издаде на странски државјанин ако поседува соодветен документ за лов издаден од надлежен орган во неговата држава и писмена покана напишана на македонски и англиски јазик од концесионерот или од државен орган.

(6) Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да води евиденција за издадените дозволи за ловење на дивеч.

(7) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува формата и содржината на образецот на дозволата за ловење на дивечот во ловиштето и начинот на водење евиденција на издадените дозволи за ловење на дивеч.

 

Член 58

 

(1) Ловечкиот испит од членот 57 став (4) на овој закон се полага пред стручна комисија што ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Комисијата ја сочинуваат пет члена од кои еден член предлага Ловечката федерација на Македонија.

(2) Обврската за полагање на ловечкиот испит од ставот (1) на овој член не се однесува на лица со висока или средна стручна подготовка од шумарска струка со положен испит по предметот ловство/ловно стопанство и на докторите по ветеринарна медицина со положен испит по предметот ловство/ловно стопанство.

(3) Трошоците на стручната комисија од ставот (1) на овој член се на товар на кандидатот.

(4) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува содржината на програмата за полагање на ловечкиот испит и висината на трошоците на стручната комисија за полагање на ловечкиот испит.

 

Член 59

 

Се забранува ловење на дивеч на лица за време на вршење на службена должност, овластени за поседување и носење на огнено оружје кои се вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за животнасредина и просторно планирање и агенциите за обезбедување на имоти и лица, ловочувари, чувари на шуми и полски чувари.

 

Член 60

 

(1) Трофеите од дивеч се оценуваат и за нив се издава трофеен лист.

(2) Оценувањето на трофеите од дивеч го врши концесионерот на дивечот во ловиштето.

(3) За државни или меѓународни изложби, оценувањето на трофеите го врши комисија што ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство од овластени оценувачи кои имаат положен испит за оценување на трофеи од дивеч согласно со меѓународни стандарди.

(4) Забрането е изнесување на трофеи од дивеч од ловиште без трофеен лист.

(5) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува формата и содржината на образецот за трофејниот лист.

 

Член 61

 

(1) За сите евидентирани трофеи концесионерот на дивечот во ловиштето е должен до крајот на 31 март да достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство примерок од трофејните листови, за секој трофеј поединечно.

(2) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го пропишува начинот за водење на евиденција на трофеите.

 

Член 62

 

(1) Врвен трофеј од дивеч се смета трофеј со поголем број на бодови од евидентираниот најјак трофеј (првак) за одделни видови дивеч во Република Македонија.

(2) Врвните трофеи од дивеч ги откупува Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Откупените врвни трофеи од дивеч Република Македонија ги чува во Природнонаучниот музеј.

(4) Забрането е изнесување и отуѓување на врвни трофеи од дивеч од Република Македонија.

(5) По исклучок од ставот (4) на овој член, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да дозволи отуѓување на врвни трофеи во странство, ако истите не ги откупи Република Македонија.

 

Член 63

 

(1) Лица кои извршиле застрел на дивеч, дивечот и трофеите од дивеч се должни да ги пријават на концесионерот на дивечот во ловиштето.

(2) За присвојување на уловен - застрелан дивеч и за трофеи од дивеч се плаќа надомест според ценовник одреден од концесионерот на дивечот во ловиштето.

 

Член 64

 

(1) Живиот дивеч, застреланиот дивеч, деловите од дивечот и трофеите од дивечот можат да се држат, превезуваат и пренесуваат во ловиштето и надвор од ловиштето само со потврда за потеклото на дивечот, деловите од дивечот и трофеите од дивечот.

(2) Потврдата за потеклото на дивечот, деловите од дивечот и трофеите од дивечот од ставот (1) на овој член ја издава концесионерот на дивечот во ловиштето.

(3) Живиот дивеч, застреланиот дивеч и деловите од дивечот можат да се стават во промет само ако се снабдени со потврда за потеклото и потврда за

ветеринарен преглед од ветеринарен инспектор.

(4) Правните лица, кои се регистрирани за вршење на преработка и промет на дивеч и деловите од дивеч, се должни да водат евиденција за сопственикот и потеклото на дивечот и деловите од дивечот и истата да ја достават на крајот на тековниот месец за изминатиот месец до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(5) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја пропишува формата и содржината на образецот на потврдата за потеклото на дивечот, деловите од дивечот и трофеите од дивечот, како и начинот на водење на евиденцијата за сопственикот и потеклото на дивечот и делови од дивечот.

 

Член 65

 

Правните и физичките лица кои вршат промет или преработка на дивеч или негови делови, се должни да поседуваат потврда за потеклото на дивечот што ја издава концесионерот на дивечот во ловиштето.

 

 

VIII. ШТЕТА ОД ДИВЕЧ И НА ДИВЕЧ

 

Член 66

 

Штета од дивеч е штетата што дивечот може да ја направи врз земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, луѓето и на објекти.

 

Член 67

 

(1) Концесионерот на дивечот во ловиштето презема мерки за спречување на штетите од дивеч.

(2) Мерки за спречување на штети од дивеч се: намалување на бројната состојба на дивечот до оној број кој може да се одгледува во ловиштето, обезбедување храна и вода за дивечот во ловиштето, чување на дивечот во ловиштето, протерување на дивечот од загрозеното земјиште и води, употреба на механички и хемиски заштитни средства, видни и звучни плашилки и слично.

 

Член 68

 

Во ловиштето во кое е прогласена заразна болест или може да се очекува нејзина појава, концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да презема мерки за сузбивање и спречување на натамошно ширење на заразната болест на дивечот, согласно со прописите за ветеринарство.

 

Член 69

 

(1) За штети што ќе ги причини дивечот под заштита за кој се утврдува ловостој, одговорен е концесионерот на дивечот во ловиштето, освен во периодот за кој е определен ловостој.

(2) Штетата што ќе ја причини дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење се надоместува од Буџетот на Република Македонија.

 

Член 70

 

Ако концесионерот на дивечот во ловиштето за одделен вид дивеч без заштита пропише посебни услови за ловење, со кои се ограничува ловењето, одговара за причинетата штета од тој дивеч.

 

Член 71

 

(1) Правни и физички лица кои ќе нанесат штета на дивечот со бесправен лов или на друг начин, се должни штетата да му ја надоместат на концесионерот на дивечот во ловиштето.

(2) Висината на надоместокот на штетата од ставот (1) на овој член се утврдува според ценовник што го донесува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Сите правни и физички лица корисници на земјиште и води во рамките на ловиштата во Република Македонија се должни да го заштитуваат дивечот под заштита на нивните површини.

 

Член 72

 

Споровите за надомест на штета причинета од дивеч и на дивеч, како и за штета во ловиште, се решаваат според општите прописи за надомест на штета.

 

 

IX. НАДЗОР

 

Член 73

 

(1) Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и на прописите донесени врз негова основа, врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(2) Работите на инспекцискиот надзор ги врши Државниот инспекторат за шумарство и ловство преку ловни инспектори.

 

Член 74

 

(1) Ловен инспектор може да биде лице со високо образование од шумарска или ветеринарна струка или со високо образование - магистратура од областа на ловството, со работно искуство од најмалку пет години во струката.

(2) Ловниот инспектор има легитимација што ја издава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ги пропишува формата и содржината на образецот на легитимацијата од ставот (2) на овој член, како и начинот на издавање и одземање на легитимацијата.

 

Член 75

 

(1) Во вршењето на работите од својата надлежност ловниот инспектор е овластен:

1) да го контролира спроведувањето на посебните ловностопански основи и годишните планови за спроведување на посебните ловностопански основи, да врши увид во општите акти на концесионерот на дивечот во ловиштето, деловните книги, пропишаната евиденција и документација која се однесува за дивечот и негови делови, како и други документи заради контрола на примената на прописите кои се однесуваат за дивечот и ловиштето;

2) да ги прегледува ловиштата и објектите за одгледување, заштита и користење на дивечот;

3) привремено да го запре ловењето на дивеч и други дејствија, ако тие не се во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз негова основа, до донесување на конечна одлука од надлежен орган;

4) да врши контрола во соработка со ветеринарниот инспектор кај правни и физички лица кои вршат промет на дивечот или делови од дивеч, препарирање на дивеч, обработка на кожи, крзно и трофеи од дивеч и да утврди на кој начин истиот е уловен;

5) привремено да го одземе бесправно уловениот, присвоениот, загинатиот дивеч или негови делови и други присвоени производи од ловиштето, како и предметите со кои се извршени овие бесправни дејствија до донесување на конечна одлука од надлежен орган;

6) да му предложи на концесионерот преземање на привремени мерки за спречување на штети за Република Македонија;

7) да ги извести надлежните органи за забележани неправилности и да бара нивна интервенција, ако тој не е овластен самиот да интервенира;

8) да бара потребни известувања од одговорни лица, сведоци, вештаци и други лица кога тоа е потребно и

9) да предлага мерки за заштита на животната и природната рамнотежа во ловиштето.

(2) За мерките од ставот (1) на овој член ловниот инспектор донесува решение.

(3) Концесионерите на дивечот во ловиштето, другите правни и физички лица чија работа подлежи на надзор, се должни на ловниот инспектор да му овозможат вршење на надзор и да му ги дадат потребните податоци и известувања.

 

Член 76

 

(1) Жалбата против решението од членот 75 став (2) на овој закон може да се изјави до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(2) Изјавената жалба од ставот (1) на овој член не го одлага извршувањето на решението, ако со неизвршувањето на утврдените мерки ќе се предизвикаат последици кои тешко можат да се отстранат.

(3) Незадоволната странка од решението на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство има право да поднесе тужба за управен спор во рок од 30 дена пред Управниот суд на Република Македонија.

 

 

X. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

 

Член 77

 

(1) Глоба во износ од 6.000 до 8.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на концесионерот на дивечот во ловиштето или на друго правно лице, ако:

1) внесува алохтони видови на дивеч во ловиште без одобрение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 10 став (1));

2) лови, прогонува или вознемирува дивеч под заштита за време на ловостој, привремена или трајна забрана за ловење (членови 11 став (2), 12 став (1) и 13);

3) наизменично не забранува ловење на една четвртина од вкупната површина на ловиштето (член 21);

4) во ловиште пали стрништа, плевел или други растителни отпадоци (член 23);

5) огради посебен простор не поголем од 150 ха за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалишта), како и простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч чија големина не може да биде помала од 150 ха без согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 33 став (1));

6) не вработи најмалку едно стручно лице со завршено високо или средно образование од шумарска струка со положен испит по предметот ловство (член 35 точка 4);

7) лови дивеч на забранет начин или со забранети средства (член 54 алинеи 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 13);

8) не изврши оценување на трофејот од дивеч, или не издаде трофеен лист (член 60 став (1));

9) изнесува трофеи од дивеч од ловиште без трофеен лист (член 60 став (4));

10) не изврши евидентирање на трофеи до 31 март и не достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство примерок од трофејните листови, за секој трофеј поединечно (член 61 став (1));

11) изнесува или отуѓувa врвни трофеи од дивеч од Република Македонија (член 62 став (4));

12) не презема мерки за спречување на штети од дивеч (член 67) и

13) не презема мерки за сузбивање и спречување на ширење на заразна болест (член 68).

(2) Глоба во износ од 4.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член и на одговорното лице на концесионерот на дивечот во ловиштето или друго правно лице.

(3) За сторен прекршок од ставот (1) точки 1, 2, 7, 9 и 11 на овој член ќе се изрече и прекршочна мерка одземање на уловот, односно трофејот, како и средствата и предметите употребени за извршување на прекршокот.

(4) За сторен прекршок од ставот (1) точки 1, 2, 7, 11 и 13 на овој член на одговорното лице на корисникот на дивеч во ловиштето ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење одговорни работа и задачи во ловството, во времетраење од три до пет години.

 

Член 78

 

(1) Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на концесионерот на дивечот во ловиштето или на друго правно лице, ако:

1) не води евиденција за ловење на дивеч без заштита (член 18 став (2));

2) врши дејствие во ловиштето забрането со членот 19 став (1) од овој закон;

3) не организира ловочуварска служба или за ловочувар постави лице кое не ги исполнува условите од членот 25 на овој закон;

4) дозволи ловочуварот да ја врши службата без униформа, без оружје или без легитимација (член 26 ставови (1) и (2));

5) не води евиденција за издадените легитимации за ловочувари и до 31 декември во тековната година не доставува податоци за лицата кои поседуваат легитимација до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 26 став (3));

6) не го извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за настанатите промени на ловочуварската служба во текот на годината (член 26 став (4));

7) оградува посебен простор - размножувалиште или простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч, спротивно на членот 33 од овој закон;

8) не плати годишен надомест за користење на дивечот во ловиштето или истиот не го плаќа во одредениот рок (член 40 ставови (1) и (2));

9) не се придржува кон мерките утврдени во посебната ловностопанска основа (член 47);

10) не изготви годишен план за спроведување на посебната ловностопанска основа или истиот не го изготви во предвидениот рок (член 49 ставови (1) и (2));

11) не го достави годишниот план на мислење (член 49 став (2));

12) во посебната ловностопанска основа не ги евидентира извршените работи во ловиштето во предвидениот рок (член 50);

13) гази дивеч со возило или лови дивеч со чамец на моторен погон (член 54

точки 7 и 8);

14) лови дивеч со лак и стрела и со птици грабливки (соколарење) без одобрение (член 55 став (2));

15) дозволи ловење на дивеч спротивно на одредбите од членот 55 став (3) на овој закон;

16) издаде дозвола за ловење на лице спротивно на членот 57 ставови (2), (3), (4), (5) и (6) од овој закон;

17) не издаде потврда за потеклото на дивечот, деловите од дивечот и трофеите од дивечот (член 64 ставови (1) и (2));

18) стави во промет жив дивеч, застрелан дивеч и делови од дивечот без потврда за потеклото и потврда за ветеринарен преглед (член 64 став (3));

19) не води евиденција за сопственикот и потеклото на дивечот и делови од дивечот и истата не ја доставуваат на крајот на месецот за изминатиот месец до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 64 став (4));

20) не ја надомести штетата причинета од незаштитен дивеч ако пропише посебни услови за ловење (член 70);

21) бесправно лови и не му ја надомести штетата на концесионерот на дивечот во ловиштето нанесена на дивечот (член 71 став (1));

22) корисниците на земјиштето и водите не го заштитуваат дивечот под заштита во ловиште или надвор од него (член 71 став (3));

23) не го извршува решението на ловниот инспектор од членот 75 став (2) на овој закон и

24) на ловниот инспектор не му овозможат вршење на надзор или не му ги даде потребните податоци и известувања (член 75 став (3)).

(2) Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член и на одговорното лице на концесионерот на дивечот во ловиштето или друго правно лице.

(3) За сторен прекршок од ставот (1) точки 2, 13, 14, 15, 18 и 21 на овој член ќе се изрече прекршочна мерка одземање на уловот, односно трофејот, како и средствата и предметите употребени за извршување на прекршокот.

 

Член 79

 

(1) Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, ако:

1) лови, прогонува или вознемирува дивеч под заштита за време на ловостој, привремена или трајна забрана за ловење (член 11 став (2));

2) врши дејствие забрането со членот 19 став (1) од овој закон;

3) се движи во ловиштето со пушка или други средства за лов без дозвола за ловење од концесионерот на дивечот во ловиштето (член 20);

4) не го извести концесионерот на дивечот во ловиштето за употреба на средства за заштита на растенијата или други хемиски средства најмалку 48 часа пред употреба на средството (член 22);

5) пали стрниште, плевел или други растителни отпадоци во ловиште (член 23);

6) во ловиштето дозволи овчарското куче да се движи подалеку од 200 м од стадото (член 24 став (1));

7) без придружба пушти да се движат низ ловиштето кучиња и мачки спротивно на членот 24 став (2) од овој закон;

8) на ловочуварот му оневозможи вршење на неговите овластувања и не му ги даде потребните податоци (член 27 став (2));

9) огради посебен простор за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалишта), како и простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч (член 33 став (3));

10) лови дивеч или изврши дејствие спротивно на одредбите од членот 54 на овој закон;

11) лови дивеч со лак и стрела и со птици грабливки (соколарење) без одобрение или застрелува дивеч спротивно на одредбите од членот 55 на овој закон;

12) лови дивеч со нерегистрирано ловечко куче (член 56 став (1));

13) лови дивеч без дозвола за ловење (член 57 став (1));

14) лови дивеч за време на службена должност (член 59);

15) изнесува трофеи од дивеч од ловиште без трофеен лист (член 60 став (4));

16) изнесува или отуѓува врвни трофеи од дивеч (член 62 став (4));

17) не го пријави и не плати надоместок за присвоената, уловената или застреланата дивеч и трофеи од дивеч (член 63);

18) не поседува потврда за потеклото на дивечот и неговите делови (член 64 ставови (1) и (3)).

19) не ја надомести на корисникот на дивечот во ловиштето нанесената штета на дивечот со бесправен лов (член 71 став (1));

20) не го заштитува дивечот под заштита во ловиште или надвор од него на земјиштето и водите кои ги користи (член 71 став (3)) и

21) на ловниот инспектор му оневозможи вршење на надзор или не му ги даде потребните известувања и податоци (член 75 став (3)).

(2) За сторен прекршок од ставот (1) точки 1, 2, 3, 6, 7, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 19 на овој член ќе се изрече и прекршочна мерка одземање на уловот, односно трофејот, како и на средствата и предметите употребени за извршување на прекршокот.

 

Член 80

 

(1) Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на ловочувар ако не презема мерки согласно со членот 27 став (1) од овој закон.

(2) За сторен прекршок од ставот (1) на овој член надлежниот прекршочен орган по овој закон на сторителот ќе му изрече прекршочна санкција забрана за вршење должност ловочувар во траење не помалку од една година, ниту подолга од пет години.

 

Член 81

 

(1) За прекршоците утврдени во членовите 77, 78, 79 и 80 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во натамошниот текст: Прекршочниот орган).

(2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочната комисија) формирана од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од кои едно ја врши функцијата на претседател на Прекршочната комисија.

(4) Прекршочната комисија е составена од три члена од кои:

- двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област и

- еден член со висока стручна подготовка од областа на шумарските науки со пет години работно искуство во својата област.

(5) Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите.

(6) За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник со положен правосуден испит.

(7) Прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој или со друг закон.

(8) Покрај членовите на Прекршочната комисија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да определи секретар на Прекршочната комисија кој врши административни работи за Комисијата и заменици членови кои, по исклучок, учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите.

(9) Прекршочната комисија донесува деловник за својата работа.

(10) Против решенијата на Прекршочниот орган, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

 

Член 82

 

(1) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочната постапка за прекршоци за одделни подрачја од Република Македонија.

(2) Член на Прекршочната комисија може да се разреши:

1) со истекот на времето за кое е именуван за член;

2) по негово барање;

3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со законот;

4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело;

5) ако му се утврди трајна неспособност;

6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука;

7) ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и

8) ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава

Прекршочната комисија.

(3) Предлог за разрешување на член на Комисијата за случаите од ставот (2) точки од 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(4) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и да презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.

(5) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.

(6) Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

(7) Прекршочната комисија води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со министерот за правда.

(8) Со актот од ставот (7) на овој член се пропишува и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата.

(9) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

 

Член 83

 

(1) За прекршоците утврдени во членовите 79 и 80 од овој закон, ловниот инспектор е должен на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување пред да поднесе барање за прекршочна постапка.

(2) Кога сторителот на прекршокот е согласен за поведување на постапка за порамнување, ловниот инспектор составува записник во кој се забележуваат

битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место.

(3) Во записникот се утврдува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторувањето на прекршокот.

(4) Ловниот инспектор може во постапката за порамнување на сторителот на прекршокот да му даде платен налог.

(5) Доколку сторителот го прими платниот налог е должен истиот да го потпише. Примањето на платниот налог од сторителот на прекршокот се забележува во записникот.

(6) Кога како сторител на прекршок се јавува правно лице, записникот и платниот налог го потпишува службено, односно одговорното лице кое се нашло на лице место при инспекцискиот надзор или друго службено или одговорно лице кое изјавило дека има право да го потпише записникот и да го прими платниот налог.

(7) Изјавата од ставот (6) на овој член се забележува во записникот.

(8) Ловниот инспектор е должен да води евиденција за покренатите постапки за порамнување и за нивниот исход.

 

Член 84

 

(1) За прекршоците од членовите 77 и 78 на овој закон, ловниот инспектор може на сторителот на прекршокот да му понуди посредување и постигнување согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги острани последиците од прекршокот.

(2) Ловниот инспектор за случаите од ставот (1) на овој член составува записник во кој се констатира согласноста на двете страни за покренување на постапка за посредување на кој се потпишува и сторителот на прекршокот.

(3) Постапката за посредување се покренува со барање од страна на ловниот инспектор во рок од осум дена од денот кога е констатирано сторувањето на прекршокот.

(4) Согласноста за посредувањето треба да се постигне во рок од осум дена од денот кога е започната постапката за посредување.

(5) Постапката за посредување се води пред комисија за посредување формирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(6) Комисијата е составена од три члена од кои еден ја врши функцијата на претседател. Членовите на комисијата се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит.

(7) Претседателот е должен да ја започне постапката на комисијата во рок од 24 часа од денот кога е пристигнато барањето од ставот (3) на овој член.

(8) Комисијата работи на седница на која задолжително присуствуваат претставници на сторителот на прекршокот и ловниот инспектор.

(9) За склучената согласност по посредувањето се составува спогодба во која се констатира согласноста на двете страни.

(10) Во спогодбата се утврдуваат обврските на сторителот на прекршокот, а особено

- висината и начинот на плаќање на глобата,

- висината и начинот на плаќање на други давачки и трошоци и

- мерките кои треба да ги преземе сторителот со цел да ги отстрани последиците од прекршокот.

(11) Во случаите во кои е постигната согласност за посредување, глобата на сторителот може да биде намалена најмногу за една половина од максимум пропишаната глоба за прекршокот.

(12) Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува деловник и трошковник за работа на комисијата.

(13) Членовите на комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

(14) Висината и видот на трошоците утврдени во трошковникот од ставот (12) на овој член се определуваат врз основа на реалните трошоци што ги има Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заради обезбедување на работа на комисијата за посредување.

(15) Комисијата за посредување е должна да води евиденција за поведените постапки за посредување и за нивниот исход.

(16) Спогодбата од ставот (9) на овој член има сила на извршна исправа.

 

 

XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 85

 

Започнатите постапки за давање на користење на дивечот во ловиштата (концесија) за цела територија на Република Македонија, до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат согласно со Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” број 20/96, 26/96, 34/97, 69/2004, 84/2007, 113/2007 и 88/2008).

 

Член 86

 

Доколку договорот за користење на дивечот во ловиштата е во важност, а истечен е рокот на важење на посебната ловностопанска основа, концесијата ќе се спроведува согласно со предвидувањата од последната година од периодот утврден во посебната ловностопанска основа.

 

Член 87

 

Правните лица што управуваат со дивечот во државните ловишта до донесувањето на овој закон продолжуваат да управуваат со дивечот во ловиштата до истекот на рокот на договорот за управување со државното ловиште.

 

Член 88

 

(1) Поблиските прописи утврдени со овој закон ќе се донесат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) До денот на влегување во сила на прописите од ставот (1) на овој член се применуваат постојните прописи.

 

Член 89

 

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” број 20/96, 26/96, 34/97, 69/2004, 84/2007, 113/2007 и 88/2008).

 

Член 90

 

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

 

 

Превземено од www.pravo.org.mk

 

Weather

Partly cloudy

14°C

Skopje

Partly cloudy
Humidity: 58%
Wind: W at 11.27 km/h
Monday
Rain
13°C / 21°C
Tuesday
Scattered showers
13°C / 21°C
Wednesday
Rain
13°C / 19°C
Thursday
Scattered showers
13°C / 22°C

Translator

Visitors Counter

746305
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
78
917
5327
16291
746305

Your IP: 54.162.227.37
Server Time: 2018-06-24 01:43:57
Web Analytics