Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Можеби е време за нов Закон за ловството

Posted by  Published in: Закони и правилници

Во нашата држава се наметнува потребата да се изработи нов Закон за ловството со кој ќе се олесни работата на ловечките друштва и концесионерите со ловиштата и ќе се трасираат патиштата за идниот развој на ловството. Постојниот Закон за ловство е солиден, но тој во изминатиов период има претрпено голем број на измени и дополнувања, и не ги задоволува во целост потребите на ловците и концесионерите.

Во прилог на ова е и фактот што после големиот напредок на ловството во нашата држава, имаме период на стагнирање или дури и назадување во одредени области. Едноставно големиот развој создаде нови проблеми и ситуации чие решавање е ограничено со постојниот Закон или воопшто не се предвидени со истиот.

Како резултат на тоа, ловечките друштва и концесионерите со ловишта заради одредени законски ограничувања и недоречености редовно се соочуваат со големи проблеми кои го отежнуваат нивното работење. Од таа причина се наметнува прашањето дали е неопходно да се отвори широка дебата и да се донесе нов Закон за ловството кој би бил во служба на развојот на ловството и ловниот туризам. 

Со овој текст сакам да испровоцирам дебата за оваа тема и да ги охрабрам ловците, ловечките друштва и сите личности инволвирани во ловоството во нашата држава да размислат по ова прашање. Тие треба да проговорат за проблемите од законска природа со кои се судруваат и со свои предлози, согледувања и размислувања да земат активно учество во изработка на нов и современ Закон за ловството, кој би бил во функција на развојот на ловството и ловниот туризам.

Во продолжение ќе претставам некои мои согледувања за измени кои би можеле да најдат место во новиот Закон за ловството, кои се оформени врз основа на анализата на ловното законодавство во поголем дел од државите во опкружувањето. Не значи дека сите посочени предлози се идеални и применливи за нашата држава, но затоа се дебатите за да се укаже на одредени предности и маани.

Се разбира дека постојат и други предлози за доплнување и измена кои не се тука опфатени, а кои би решиле одредени проблеми и ограничувања со кои се соочуваат ловците и концесионерите, но затоа се дебатите да укажат на нив.

 

1.    Измена на концептот на законот

Можеби најсоодветен би бил примерот на нашиот Закон за шумите или на српскиот Закон за дивеч и ловство, каде пред членовите стојат подзаглавија со кои е потенцирана содржината на членот. На тој начин заинтересираните полесно би го наоѓале членот чија содржина ги интересира.


2.    Ловиштата да не се делат веќе според видот на дивечот што ќе одгледува, туку само на отворени и оградени ловишта

Ова се наметнува како потреба бидејќи речиси во сите ловишта за крупен дивеч постои и можат да се ловат одредени видови на ситен дивеч (пр. зајак), додека од друга страна сведоци сме дека во голем број на ловиштата за ситен дивеч има можност за лов на одредени видови крупен дивеч (пред се дива свиња и срна).  


3.    Можност за формирање на приватни ловишта

Во нашата држава иако има востановени т.н. државни ловишта, всушност според сопственоста сите се државни ловишта. Со новите измени во Законот со кој е предвидена можност за востановување на ловишта со посебна намена, се добива посоодветна формулација за востановените т.н. државни ловишта во нашата држава. Во одредени законодавства (пр. Хрватска) постои можност и за востановување на приватни ловишта, што е во согласност со новиот систем на уредување, со кој приватната сопственост е издигната на повисоко рамниште во системот. Приватни ловишта се енклави во државните ловиштата кои се во приватна сопственост и тие воглавном се оградени ловишта. Иако станува збор за приватни ловишта, нивните сопственици плаќаат надомест за користење на дивечот кон државата.


4.    Доделување на концесии за период од 20 години за сите ловишта

Во нашата држава има кетегорија ловишта за ситен дивеч кои се доделуваат на 10 годишна концесија и ловишта за крупен дивеч кои се доделуваат на 20 годишна концесија. Ваква поделба е несоодветна и таква нема во ниту една држава од нашето соседство. Треба сериозно да се разгледа можноста на промена на дефинирањето на ловиштата во нашата држава од ловишта за крупен или ситен дивеч само во ловишта и тие да се доделуваат на период од 20 години.

Како споредба, во Србија ловиштата се доделуваат на 10 годишна концесија, додека во Хрватска на 30 годишна концесија. Интересно е тоа што во Хрватска ловиштата можат се даваат под закуп за период од 10 години, кој по барање на закупецот може да се продолжи на 20 години или по негово барање да се потпише договор за концесија. 


5.    Во Законот да се прецизира распределбата на средствата од концесијата

Според сегашниот Закон сите средства од концесијата се уплаќаат во буџетот  на РМ, од кој понатаму во зависност од расположението на планерите на буџетот се предвидуваат средства за развој на ловството, кои во текот на годината често со ребаланс на буџетот се одземаат. Во сите земји од поранешна Југославија, со нивните Закони за ловството дефинирана е и прецизно е утврдена распределбата на средствата од концесијата.

Така на пример, во Хрватска 50% од сумата за концесија им се поделува на сопствениците на земјиштето согласно нивното учество, 30% влегуваат во буџетот, 10% на посебна сметка во  министерството за спроведување на законот и 10% на сметка на општините и градот Загреб во чии граници се наоѓаат ловиштата за спроведување на Законот). Концесионерот е должен 50% од износот на годишниот надомест за концесија за следната година да го плати најкасно до 1 март, а преостанатиот износ заклучно со 30 септември во тековната година.

Во Србија сите средства од надомест за користење на видови дивеч заштитени со ловостој му припаѓаат на Буџетскиот фонд за развој на ловството. Дел од овој надомест концесионерите во висина од 30% ги уплаќаат најкасно до 15 април, а 70% најкасно до 31 декември во тековната ловна година.

Во Црна Гора 30% од средствата за користење на ловиштата се распоредуваат на единиците на локална самоуправа на чија територија се наоѓаат ловиштата, 35% на ловечкиот сојуз за вршење на работи од јавен интерес (дефинирани со Законот), и 35% на сопствениците на земјиштето без право на лов сразмерно на површината и бонитетот на земјиштето опфатено со ловните површини на ловиштето.


6.    Рок за обесштетување на концесионерот

Во хрватското законодавство сите изградени ловнотехнички објекти во ловиштето се во сопственост на државата, но доколку периодот на амортизација на овие објекти е подолг од периодот на траење на концесијата, концесионерот има право да побара продолжување на концесијата за уште 30 години (толку изнесува периодот на концесија во Хрватска). Во српското законодавство, исто како и нашето, предвидена е оштета на досегашниот концесионер. Во нашата држава ловнотехничките и ловностопанските ојекти се инвентар на ловиштето, но предвидено е новиот концесионер да го обесштети досегашниот. Кај нас за жал не е прецизиран рокот за обесштетување, па тој може да се провлекува во недоглед. Во законот треба да се предвиди рок за обесштетување на досегашниот концесионер и последици за новиот концесионер за непочитување на тој рок.


7.    Маркици за крупен дивеч

Во земјите со развиено ловство предвидено е одбележување на застреланиот дивеч и нивните трофеи со посебни ознаки. Со тоа би се вовела поголема контрола при застрелот на дивечот. Овие ознаки, кои обично се во вид на пластични ленти, се ставаат на застреланиот дивеч пред да се помести од местото на застрелот.


8.    Лиценци за работи во ловството

Со вакво лиценцирање би биле опфатени ловочуварите, стручните лица, ловно туристичките водичи, оценувачи на трофеи и сл. Ваква законска обврска има во законот во Србија, а процесот на лиценцирање започнат е и во нашата држава но во другите гранки (пр. Шумарство). Всушност потребна соодветна стручна спрема или полагање на соодветни испити е предвидена и во другите законодавства од опкружувањето. Со тоа би се довел поголем ред во ловството и би се подигнала стручноста на едно повисоко ниво.


9.    Да се дозволи лов во оградените ловишта во текот на целата година

Бидејќи станува збор за строго контролирано одгледување на дивечот, односно вештачко одгледан дивеч и внесен во овие ловишта, во служба на развојот на ловството треба да се вметне и ваков член. Иако и сега тоа се практикува, сепак за такво нешто нема законски основ, а изговор за негово практукување е т.н. приватен дивеч, каква категорија на дивеч не постои во Законот за ловството. Според него, во член 2 јасно е прецизирано дека дивечот е во државна сопственост и е добро од општ интерес за Република Македонија.


10.    Дозвола за отстрел на мечка и шакал

За вакви измени на статусот на овие видови дивеч укажуваат концесионерите со ловиштата. Сепак за да се донесе исправна одлука потребна е една опсежна анализа и бидејќи станува збор за чувствутелна одлука која може да има негативни последици, потребно е внимателно да се пристапи кон донесување на ваква одлука.


11.    Наместо со Законот за ловството, со подзаконски акт да се регулираат видовите на дивеч под заштита и без заштита

Со Законот за ловството би можело да се изземе членот со кој се утврдува за кои видови е предвиден ловостојот. Ова по примерот на некои соседни држави би можело да се регулира на тој начин што Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство самостојно или заедно со министерот надлежен за работи од заштитата на животната средина, врз основа на проценката за загрозеност на поединечни видови, бројноста на популациите и обврските превземени со меѓународни договори, самостојно или договорно би можеле да прогласуваат заштитените видови со ловостој, времетраењето на ловната сезона заштитените со ловостој видови на дивеч и сл. Со тоа би можело без интервенирање во Законот, секоја година да се вршат додавања или изземање на одредени видови дивеч, што би резултирало со подобра контрола на бројноста во популациите.


12.    Фарми за дивеч

Предвидени се со закон во сите држави кои произлегуваат од бившата Југославија. Тоа се оградени површини кои се користат за производсто на дивеч за месо. Забрането е испуштање на дивеч во ловиштата одгледан во нив. Имајќи во предвид дека нашата држава има одлична местоположба и речиси идеална клима за одгледување на дивеч, ова можеби преставува “скриена“ можност да се наметнеме како значителен производител на месо од дивеч на регионално ниво.


13.    Паркови за дивеч

Се оградени површини во кои се огледува дивеч за научни, едукативни и сл. потреби. Забрането е испуштање на дивеч во ловиштата одгледан во нив.


14.    Полигони за лов на фазани

Вакво нешто е предвидено во законодавсвата од опкружувањето. Во нив е дозволен лов на вештачки одгледан дивеч во текот на целата година. Тоа се посебно урдени површини на кои може да се врши застрел на дивеч одгледан на вештачки нашин во текот на целата година. Во останатиот дел од ловиштето, надвор од овие полигони, не е дозволено застрел на фазани.


15.    Полигони за дресура на кучиња гоничи

Се оградени површини до 5 ха во кои се врши дресура и обука на ловечки кучиња гоничи. Иако во нашата држава постојат вакви површини, тие всушност не се предвидено со нашето законодавство.


16.    Терен за обука на ловечки кучиња

Се определува со ловностопанската основа и за таа цел може да се издвојат до 5% од вкупната површина на ловиштето. На овие површини за време на обуката и тренингот на ловечките кучиња забранет е лов и вознемирување на дивечот и другите животински видови, како и носење на оружје. Сепак, постојат ограничувања во периодите од годината кога може да се користат овие полигони за обука на ловечки кучиња, па така на пример Црна Гора таква забрана постои за периодот од 1 март до 30 јуни во тековната година.


17.    Да се појасни ловот со птици грабливки (соколарење)

Во нашиот Закон спомнат е терминот соколарство, но сметам дека е потребно подобро да се дефинира што е соколарење, во кои делови од ловиштето смее да се лови на ваков начин или да врши нивна обука и со какви дозволи.


18.    Да се дозволи ноќен лов на предатори (волк)

Вакво нешто е дозволено во некои од законодавствата на соседните држави, каде покрај волк ноќно време може да се ловат и дива свиња, лисица и шакал. Овој член во законот би бил во служба на развојот на ловниот туризам, бидејќи нашата држава е примамлива дестинација на лов на волк. Ваков лов се практикува во нашата држава иако тој не е дозволем со законот.


19.    Да може да се внесат во нашата држава повеќе од 5 ловечки кучиња

Иако ова ограничување не е според Законот за ловството, туку според Законот за царинска постапка, тоа им преставува голем проблем на ловечките друштва и концесионерите на ловиштата. Одредени региони од нашата држава се богати со полска еребица, што е значајно за дресерите на ловечки кучиња кои се во постојана потрага по добри терени за дресура и обука на нивните кучиња. За жал голем проблем за нив преставува ограничувањето да можат да внесат во нашата држава максимум 5 ловечки кучиња, па нашите ловечки друшта и концесионерите се лишуваат од можност за дополнителна заработка, без притоа да се изврши застрел на дивечот. Ваква можност воедно би ги стимулирало концесионерите да издвојуваат површини во своите ловишта во кои полската еребица би била трајно заштитена, кои би се користеле како репроцентар и полигон за обука на ловечки кучиња – птичари. 


20.    Членарина во ловечка федерација да е задолжително

Ова е законски регулирано во сите државите од соседството. За одреден ловец да има право на лов помеѓу другото треба да е член на ловечката федрација или сојуз, кои му издаваат ловна карта која важи на целата територија од државата. Без ваква членска карта концесионерите не можат да издаваат дозволи за лов. Во нашата држава на овој начин е регулиран риболовот, па така секој робиловец треба да е член на риболовната федерација и со приложување на таа членска карта може да добие дозвола за риболов во одредена река или езеро.


21.    Воведување на категорија ловец приправник

Ловецот приправник е кандидат за полагање на ловечки испит, кој е зачленет кај корисникот на ловиштето заради извршување на практична обука. За ваков член во законот треба да се изјаснат пред се ловечките друштва и воопшто сите концесионери на ловишта, бидејќи тие би имале најголема полза од нив.

Практичната обука на ловците приправници би им помогнала подобро да го запознаат терените за лов, да учат за ловечката етика, култура и безбедност при лов, да да ги учат тајните за ловот од поискусните ловци, и тоа практично искуство да им помогне подобро да ја разберат филозофијата на ловството и полесно да го положат ловечкиот испит. Преку одгледно-заштитните мерки да сватат дека ловот пред се е одгледување и заштита на дивечот, а самиот чин на застрел е во служба на одржување на биолошка рамнотежа во природата.


22.    Усогласување на шумскостопанската основа со општата и ловностопанската основа

Ова е доста интересна и мошне корисна законска одредба за дивечот и шумата. Вакво нешто е предвидено со ловното законодавство на Бугарија и Црна Гора. Според него, шумскостопанските основи би требало да содржат одредби за почитување на животните потреби на дивечот кои се превземени од општата ловностопанска основа и посебните ловностопански основи. При планирањето на сечата на стеблата во годишниот изведбен проект мора да се почитуваат годишниот животен ритам на дивечот и заштитните потреби на дивечот и во склад со тоа да се интервенира во шумата како што помалку би се реметеле ритамот и потребите на дивечот.

 


Покрај наведените и објаснети измени и дополнувања, во новиот Закон за ловството би можеле да се дефинираат и предвидат и други мерки, работи и активности, како што се на пример:

 

1.    Да се најде начин за стимулирање и фаворизирање на добрите концесионери. Ваква законска можност, според која при доделување на ловиштата им се дава предност на досегашните концесионери постои во Црна Гора, па и во Хрватска. Се разбира тоа е условно и зависи од нивната успешна работа и инвестициите. Ваква можност до неодамна постоеше и кај нас, кога ловиштата се доделуваа со вреднување на развојните програми.

2.    Да се додаде член во кој се предвидува дека корисникот на ловиштето е должен да ги превземе потребните мерки за спречување на штети кои дивечот може да ги нанесе на луѓето и имотите на земјишта на кои се простира ловиштето, и дека сопствениците на стоката и земјиштето на кои се простира ловиштето или кои се во близина на ловиштето се должни на тоа земјиште и објекти, како добри домаќини, да ги превземат сите потребни мерки за спречуање на штетите од дивечот.

3.    Покрај ловечки сојуз или федерација да се предвиди формирање на Ловечка комора (по пример на Хрватска и Србија) или Совет за ловство (по пример на Црна Гора) и да се дефинираат нивните надлежности.

4.    Да се ограничи бројот на ловци во едно ловиште согласно неговата големина и бонитет. Ова е регулирано со подзаконски акти во некои држави од соседството, каде со одредени норми се определува максимален број на ловци кои можат да ловат во едно ловиште. Вакво ограничување би користело не само за заштита на дивечот, туку и за заштита на ловците од несреќи при лов.

5.    Да се допрецизира калибарот и видот на оружјето за лов на одредени видови дивеч.

6.    Да се додаде дефиниција за ловец. Интересно со нашиот Закон за ловството не е дефинирано што се подразбира под ловец.

7.    Да се дозволи лов со вабилици, рикалици и пискавици. На пример во Република Хрватска при поединечен лов на елен, срндак, лисица и сојка, дозволена е употреба на вакви помагала. Интересно е тоа што во оваа држава дозволен е и лов со стапици на некои видови дивеч како што се лисица, твор и куни.

 

     

 

Weather

Mostly sunny

10°C

Skopje

Mostly sunny
Humidity: 95%
Wind: N at 6.44 km/h
Thursday
Sunny
8°C / 23°C
Friday
Mostly sunny
10°C / 24°C
Saturday
Partly cloudy
8°C / 22°C
Sunday
Mostly cloudy
8°C / 18°C

Translator

Visitors Counter

818361
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
274
586
1383
9200
818361

Your IP: 54.166.130.157
Server Time: 2018-10-17 07:57:39
Web Analytics