Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Начин на одржување и полагање на ловечкиот испит согласно измените во Законот за ловството

Posted by  Published in: Закони и правилници

Неодамна во Службен весник излегоа измените и дополнувањата на Законот за ловството со кои се регулира начинот на полагање на ловечкиот испит. Првичните импресии не се многу воодушевувачки, бидејќи тој се става на рамниште на полагање правосуден испит. Не само што се комплицира постапката на организирање и полагање на испитот, туку сето тоа ќе влијае и врз неговото чинење, па имајќи во предвид колку чинат полагањето на правосудниот или испитот за возачка дозвола со кој е исто така во еден дел е сличен, за очекување е дека тој значително ќе поскапе. Интересно е тоа што одсега покрај ловците и рибарите ќе полагаат “правосуден“ испит прилагоден за риболовците.

Во продолжение ќе се обидам да ја објаснам постапката за полагање на ловечкиот испит, со што идните ловци ќе имаат прилика да се запознаат како тој ќе се одвива.

 

Ловечкиот испит се полага пред стручна комисија што ја формира министерот за земојделство, шумарство и водостопанство. Испитот се полага заради проверка на потребното стручно знаење од областа на ловството и право на полагање имаат сите полнолетни граѓани на Република Македонија.

Тој се состои од два дела и тоа:

- прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и

- втор дел (практичен пример), со кој се проверува способноста од областа на ловството во практика.

Теоретскиот дел од испитот се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Со овој дел од испитот се опфатени следните области:

 

1) Закон за ловството;

2) Морфологија и биологија на дивеч;

3) Одгледување, заштита и користење на дивечот;

4) Уредување на ловишта;

5) Ловна кинологија;

6) Ловечко оружје, муниција и ловна балистика;

7) Ловење и користење на дивечот и неговите делови;

8) Ловечки трофеи;

9) Траги од дивеч;

10) Штети од дивеч и на дивеч;

11) Болести на дивечот и

12) Незгоди во лов и прва помош.

 

Вториот практичен дел на испитот се состои од:

- практичен пример и

- прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на практичниот пример.

 

Испитот се полага најмалку четири пати годишно во периодот од 1-ви февруари до 30-ти септември. Барањето за полагање на ловечкиот испит кандидатот го поднесува до Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, после што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство или од него овластено лице, со решение утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на ловечкиот испит.

На кандидатот на кој му е одобрено барањето за полагање на ловечкиот испит, му се определува времето и местото за полагање на испитот, а кандидатот се известува најдоцна во рок од осум дена пред полагање на испитот. На кандидатот мора да му се овозможи да започне да го полага ловечкиот испит во првата наредна сесија од денот на одобреното барање за полагање на испитот. За датумот и времето на полагањето на испитот кандидатот треба да биде информиран најмалку три дена пред одржувањето на ловечкиот испит.

Ловечкиот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во просторијата за полагање на испитот, за време на полагање на испитот се присутни двајца претставници од Министерството за земјоделство, шумарство иводостопанство, еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација (информатичар).

На денот на полагањето на првиот, односно вториот дел од испитот, претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство му дава на кандидатот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем.

По одобрувањето на пристапот, кандидатот добива електронски тест за првиот дел од испитот, односно електронски практичен пример за вториот дел од испитот, компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор од базите ја одредува софтверот на електронскиот систем.

Првиот и вториот дел од испитот, содржат упатство за начинот на решавање на истиот, за кое претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дава појаснување, пред да започне полагањето на испитот.

Ловечкиот испит започнува со полагање на првиот дел (теоретскиот дел), кој доколку кандидатот успешно го положи, во рок од најмалку 15 дена го полага и вториот дел (практичен пример).

Првиот дел од испитот се полага за секоја соодветна област и содржи најмалку 10 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една е неточна во голем обем (на неа се губат поголем број поени). Полагањето се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот.

Вториот дел од испитот се состои од практичен пример. Прашањата кои се составен дел од практичниот пример се од областа на ловството и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.

Полагањето на вториот дел од ловечкиот испит се врши со проучување на практичниот пример и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од практичниот пример, во вид на електронско софтверско решение (електронски практичен пример). Прашањата од вториот дел зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во практичниот пример.

На кандидатот за време на полагањето на испитот не му се дозволува користење на закони, закони со коментар и објаснување, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, претходно подготвени предмети и слично. Покрај тоа не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица освен со информатичарот во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Доколку кандидатот не се придржува до овие законски ограничувања, на истиот нема да му се дозволи понатамошно полагање на испитот во таа испитна сесија и ќе се смета дека кандидатот не го положил ловечкиот испит.

Во случај да настанат техничките проблеми со компјутерот со кои се врши полагањето и истите не бидат отстранети во рок од пет минути, испитот продолжува, а доколку во посочениот рок истите не бидат отстранети испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

Ако има проблеми со повеќе од пет комјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите кандидати што го полагаат испитот и ќе се одрживо рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

Овластените претставници за време на полагањето на испитот не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на кандидатот кој го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути.

Ако во текот на полагањето на испитот настанат оправдани причини поради кои кандидатот не може да го продолжи полагањето на испитот (болест, породилно отсуство, школување во странство и слично), ќе се прекине испитот за определено време, кое не може да биде подолго од шест месеци.

Решение за продолжување на испитот донесува Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство по молба на кандидатот. Молбата се поднесува во рок од осум дена од престанокот на причините за одлагање на испитот, но најдоцна во рок од шест месеци. Ако кандидатот не поднесе молба за продолжување на испитот во предвидениот рок, ќе се смета дeка испитот не го положил. Во продолжувањето на испитот, кандидатот не го полага оној дел од испитот што претходно веќе го има полагано.

Во случај на спреченост на спроведување на првиот или вториот дел од испитот, поради причини што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем, полагањето на испитот се прекинува. Доколку причините не се отстранат во рокот од 60 минути, испитот се прекинува и се презакажува за друг термин.

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од првиот и вториот дел од тестот за полагање на испитот изнесува по 120 минути. Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од тестовите постигнал најмалку по 51% од вкупниот број предвидени позитивни поени. Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на кандидатот на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување. На кандидатите кои го положиле испитот им се издава уверение во рок од 15 дена од денот на завршување на испитот.

Трошоците за полагање на испитот ги сноси кандидатот, кој средствата ги уплатува на сметката на сопствени приходи на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ако трошоците не се уплатени на соодветна сметка најдоцна 15 дена пред денот определен за почеток на испитната сесија, на кандидатот нема да му се дозволи полагање на испитот. Покрај тоа ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат согласно со закон.

Материјалите од одржаните испити, особено хартиените верзии од Тестовите и практичните примери за полагање на ловечкиот испит и специмените за проверка на точноста на одговорите на тестот и практичните примери, како и снимките од одржаните испити се чуваат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство формира Комисија за ревизија на одржаните испити, која во својата работа ги користи материјалите од одржаните испити. Оваа комисија се состанува најмалку еднаш годишно и врши ревизија на начинот на спроведување на најмалку две сесии одржани во тековната година. Комисијата има право да изврши ревизија и на начинот на спроведување на испитите одржани во последните пет години до денот на одржувањето на состанокот на комисијата.

Доколку Комисијата утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци предлага одземање на Уверението. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува Решение за одземање на Уверението врз основа на предлогот на Комисијата во рок од 3 дена од приемот на предлогот.

Против сите решенија и одлуки, кандидатот во рок од 30 денови од нивниот прием има право да поведе управен спор пред надлежен суд.

 

 

 

Weather

Cloudy

15°C

Skopje

Cloudy
Humidity: 57%
Wind: E at 6.44 km/h
Wednesday
Partly cloudy
13°C / 27°C
Thursday
Partly cloudy
12°C / 26°C
Friday
Partly cloudy
10°C / 27°C
Saturday
Rain
13°C / 26°C

Translator

Visitors Counter

698366
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
189
544
733
15910
698366

Your IP: 54.81.71.187
Server Time: 2018-04-24 08:40:45
Web Analytics