Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Високите подрачја на Осоговските Планини имаат голем, но неискористен туристички потенцијал

Posted by  Published in: Убавините на Македонија

 Осоговските Планини се втора по површина (1100 км кв.), а девета по височина (2252 м) планина во Република Македонија. Се одликува со долги, заоблени планински била и врвови меѓу кои се длабоко всечени речни долини. Неколку врвови се повисоки од 2000 м, како Руен (2252 м), Мал Руен (2205 м), Царев Врв (2085 м) и други. На највисоките делови од планината има интересни релјефни појави кои се создале главно во плеистоценото време како резултат на ниските температури и покриеноста со снег во зимската половина од годината. Тоа се снежнички циркови, мориња од распаднати карпи, камени блокови што се лизгаат, мразни јазици и други.

 Во западниот, кратовски дел од планината, врвовите се пониски, но поостри, бидејќи настанале со некогашен вулканизам на овие простори. Тоа се всушност добро изразени вулкански конуси (купи), некои со остатоци на кратери на врвот.

Помеѓу билата се всечени тесните и длабоки клисури на Крива Река и нејзините притоки како и клисурата на горниот тек на Злетовска Река. Клисурите се одликуваат со стрмни, некаде речиси вертикални страни и тесно долинско дно. Посебно интересна е клисурата на Злетовска Река низводно од вливот на Емиричка Река каде делумно наликува на кањон, а по страните има огромни сипари.

Доста интересна е и тесната долина на Дурачка со Козја Река, каде се среќаваат крупни камени блокови и неколку водопади. Долината пак на Кратовска Река, главно е всечена помеѓу стари вулкански купи и низ вулкански карпи кои ја отсликуваат геолошката историја на овој простор. Во долината има појави на вулкански бомби (камени топки), камени кукли, поголем број водопади, брзаци и слапови. 

Климата на Осоговските Планини е типично планинска, но релативно пријатна без големи екстреми. Поради височината, сончевото зрачење е интензивно и долготрајно, а воздухот чист, богат со кислород и свеж. Количеството на врнежи овде е поголемо од соседните ниски области, а одејќи во височина се зголемува учеството на снежни врнежи кои во највисоките делови може да се задржат и до 6 месеци (од декември до мај).

На Осоговските Планини има многу извори со студена и чиста вода, како и доста потоци, рекички и реки. Во летниот период, има бујна тревна вегетација, меѓу кои и лековити билки, боровинки и сл., а во пониските делови пространи букови, дабови шуми и разни видови на пеќурки. Животинскиот свет е исто така разновиден со ситен и крупен дивеч, птици, влечуги и др.

Планината административно припаѓа дури на 9 општини и тоа (според површината): Кочани, Крива Паланка, Кратово, Каменица, Проби­штип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Делчево и Виница. Сообраќајно, Осогово е меѓу најпристапните високи планини во Македонија. Од околу 400 км должина на сите асфалтни и макадамски патишта кои водат кон внатрешноста, повеќе од 150 км се асфалтни. Од асфалтните, особено возбудливи се: Злетово-брана Кнежево, Кочани-Пониква, Каменица-Саса, Каменица-Цера, Кратово-Каврак, Крива Паланка-Калин Камен и Рамна Нива-Тораница.

Поради прекрасните природни убавини (релјеф, клима, вода, растителен и животински свет), архаичните селски и карактеристичните градски населби, како и богатите културно-историски вредности, Осоговските Планини имаат голем туристички потенцијал. Планината е погодна за рекреативно планинарење, набљудување, фотографирање, планински велосипедизам, џип-сафари по бројните планински патишта, параглајдинг, потоа боравишен зимско-спортски туризам во високите делови и селски туризам во пониските подрачја.

Покрај останатите бројни интересни локалитети, особено внимание и атрактивност имаат локалитетите Калин Камен, Царев Врв и Руен, кои се протегаат главно над 1800 м надморска височина. Калин Камен, Царев Врв и Руен, претставуваат туристичка целина и се надополнуваат меѓусебно. Бидејќи се наоѓаат во најатрактивниот, централен и висок дел на Осоговските Планини, истите се меѓу најзначајните туристички потенцијали на планината. За нив постои голем интерес за посета во текот на целата година, а со оглед на пространоста имаат голем прифатен капацитет. Воедно, Калин Камен и Царев Врв имаат многу добра туристичка положба, бидејќи се блиску до коридорот 8, до градот Крива Паланка и поврзани со добар асфалтен пат. 

Поради недостаток на сместувачки капацитети и туристичка неопременост, за сега овие локалитети се користат само за кратки излетнички посети главно од локалното население. Затоа е потребно пред се да се обезбедат сместувачко-угостителски капацитети близу Калин Камен или во градот Крива Паланка, со што туристите би се задржале повеќе од еден ден. Со информирање и поттикнување на локалното население од страна на локалната власт, во функција првин може да се стават соодветно опремените викендици близу до Калин Камен и становите (куќите) во градот Крива Паланка. Едновремено треба да се преземат активности за привлекување на инвеститори за изградба на модерен планинарски дом, а по можност и на хотелско-угостителски објекти на соодветни погодни локации.

Потоа неопходно е осмислување на туристичката понуда на овој простор. Во тој правец, треба да се воспостави минибус линија од градот до Калин Камен, да се отворат можности за изнајмување на планински велосипеди (маунтбајк), разгледување преку возење со џип (џип-сафари) и да се определат погодни точки за параглајдинг. Бидејќи просторот нуди одлични можности за зимски спортови, најпрвин треба да се оформат и подготват скијачки стази, стази за санкање и други активности.

Понатаму, неопходно е изготвување на туристички карти, патокази и водичи до наведените и останатите интересни локалитети во областа (манастирот Св. Јоаким Осоговски, врвот Руен, водопадот на Козја Река). Треба да се обезбедат водичи за просторот од соодветно оспособени луѓе. Долгорочна цел е локалноста Калин Камен-Царев Врв да прерасне во зимско-спортски центар од национално значење, со скијачки стази, стази за санкање, жичари, хотелско-сместувачки капацитети, придружни содржини и слично.

Се надеваме дека барем дел од наведеното ќе биде остварено во блиска иднина, што на локалното население и пошироко ќе му донесе солиден економски бенефит, а на посетителите вистинско задоволство и уживање во оваа прекрасна планина.

 

 

Превземено од: http://www.igeografija.mk/

 

Weather

Partly cloudy

18°C

Skopje

Partly cloudy
Humidity: 88%
Wind: S at 6.44 km/h
Saturday
Mostly sunny
18°C / 30°C
Sunday
Partly cloudy
16°C / 31°C
Monday
Partly cloudy
16°C / 28°C
Tuesday
Partly cloudy
15°C / 30°C

Translator

Visitors Counter

778265
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
90
411
1815
10071
778265

Your IP: 54.80.93.19
Server Time: 2018-08-17 06:11:17
Web Analytics