Како што соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, станува збор за кадмиум, олово и жива присутни во црниот дроб на дивечот поради што се препорачува овој орган да не се консумира.
Најголеми концетрации на тешките метали во организмите на дивечот се пронајдени кај примероците од дивеч во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга.
– Во одредени случаи кај отстреланиот дивеч се утврдени и до десет пати поголеми концентрации на олово, кадмиум и жива во црниот дроб. Само во четири случаи е најдено зголемување и во мускулното ткиво и тоа само во текот на 2017 година, истакна Атанасов на прес-конференција.
Поради што Атанасов истакна дека се препорачува овој орган да не се консумира. Особено ова важи за ловџиите кај кои традиционално по ловот најпрво го консумираат црниот дроб и тоа е вид гоштевање, нивно и на семејството.
Во најголем процент тешките метали се детектирани кај дивите свињи (95 отсто) кои се хранат со ринење, а потоа и кај зајакот и птиците. Од агенцијата претпоставуваат дека присуството на тешки метали доаѓа од почва.
Внимавајте постои опасност од трихнелоза
На прес-конференција Атанасов информира и дека две ловни друштва од нашата држава пријавиле појава на трихинелоза кај дивечот, а се следат и бруцелозата, птичјиот грип, африканската и класичната свинска чума, како и беснилото кај лисиците. Веќе се дадени препораки, како да се постапува во случаите со трихинелоза, која беснее низ Европа каде предизвикува големи штети врз дивечот.
Како што објасни Ангелов, трихинелозата е паразитарно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето. За да се заштитат ловџиите и населението, не треба да се јаде месо од заразено животно. Сепак, термичката обработка на високи температури е еден вид заштита.
– Онаму каде што утврдивме присуство на трихинела, кај четири случаи, труповите термички ги обработивме и ги уништивме со закопување во земја. Тоа е најбезбедниот начин. Воопшто не се пуштени во промет – подвлече Атанасов.
Месото во рестораните е безбедно за консумирање
Одговорајќи на новинарско прашање дали дивечот во рестораните е безбеден, Атанасов потенцира дека секое месо што се пушта во промет претходно подлежи на контроли, поради што месото од дивечот што се наоѓа на менијата во рестораните е безбедно.
За скандалот со белгиското месо со поминат рок кое се најде и на косовскиот пазар Атанасов уверува дека нема такво на македонските трпези. Белгиско месо увезуваме, но не од компанијата која отпадот од кланиците го преработувала во мелено месо.
Прпорака до ловците – внимавајте
Ова треба да биде добра поука и предупредување до сите ловци, доследно да се придржуваат до мерките за заштита од болести и редовно да испраќаат примероци од уловениот дивеч на анализа. Кај болестите кои може да се пренесат од дивечот важи правилото, подобро да се спречи одколку да се лечи.