Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Ловечка Федерација на Македонија, што беше тоа ???

Posted by  Published in: Разно

За жал сведоци сме дека во последниов период имаме големо влошување со состојбите во ловството, поради што ловечките друштва, концесионерите и ловците се соочуваат со се поголеми проблеми. Како доказ ва влошените состојби во ловството се случи уназадување на нашите најубави ловишта и едно ловиште да изгуби статус на државно ловиште, ловечките друштва да немаат каде да се обратат за помош поради што се присилени да се снаоѓаат како знаат и умеат, додека граѓаните се потешко да стануваат ловци и да доаѓаат до дозволи за оружје.

Една од причините за големите проблеми на ловството во нашата држава е нефункционалноста на ловечката федерација на Македонија, која би требало да е најголем заштитник, помошник и бранител на правата на ловечките друштва и ловците. Нејзиното постоење речиси е само формално, без некои видливи активности.

Оваа ловечка федерација би требало да работи во интерес на ловечките друштва и ловците од нашата држава, како по примерот на ловечките форми на здружувања од државите во блиското опкружување, односно помеѓу другото:

  • да го промовира ловството;
  • да организира и учествува на разни саеми;
  • да работи на развојот на ловниот туризам;
  • да организира разни семинари, обуки и дообуки на ловците;
  • да им нуди на своите членови стручна помош при изготовка на разни програми и проекти;
  • да нуди разни видови на стручна помош;
  • да ги застапува ловечките друштва и ловците;
  • да издава стручни списанија и друга литература;
  • да се грижи за нашите најзначајни трофеи;
  • да се грижи за развојот на ловечката кинологија и ловното стрелаштво;
  • како и ред други активности.

Имено, постоењето на ловечката Федерација на Македонија е предвидено со Законот за ловството, каде според член 34 став 6 “Концесионерите на дивечот во ловиштата можат да се здружуваат во ловечка федерација на Македонија и други форми на здружување согласно закон. Ловечката федерација на Македонија е доброволна национална асоцијација на ловците во Република Македонија.“ И толку, ништо повеќе.

Колку за споредба, во државите од блиското опкружување, на ловечките форми на здружување (ловечки сојузи) им се придава големо значење и преставува битен правен субјект во ловството во тие држави. За илустрација на местото и значењето на ловечките сојузи во некои од државите, во продолжение на кратко ќе ги образложам нивните активности и форми на помош кон ловечките друштва и ловците. Со тоа ќе ви стане појасно од што све сме лишени со нефункционалноста на нашата ловечка федерација.

 

Ловечки сојуз на Србија

 

Така на пример, во соседна Република Србија постои “Ловечки савез Србије“ кој е доброволна невладина непрофитна организација, која е заснована на слободата на здружување заради остварување и унапредување на општите и заеднички цели и интереси во областа на ловството и спортскиот лов во Република Србија. Овој ловечки сојуз ги застапува и штити интересите на своите членови во областа на ловството и спортскиот лов. Согласно нивниот “Закон о двиљачи и ловству“ член 8, Ловечкиот сојуз кој е член на Меѓународниот совет за ловство и заштита на дивечот, ги обавува следните работи:

  • формира комисија за полагање на ловечки испит и издава уверенија за положениот испит (ова со исклучок на нашата држава е случај во сите држави од блиското опкружување);
  • формира комисија за полагање на испит за оценување на трофеи на дивеч и издава уверение за положен испит за оценување на трофеи;
  • се грижи за трофеите на дивечот чија вредност е изразена во CIC поени поголеми од трофејната ведност на националниот првак;
  • формира Национална комисија за изложби и трофеи, составува список на трофејните вредности на националните прваци и решава во врска со приговорите на актот за оценување на трофеите на дивечот кои ги дала комисијата на корисникот на ловиштето;
  • издава членски книшки на своите членови и ги застапува во државата и во странство;
  • подготовка на стручните подлоги за донесување на развојот на ловството, ловните основи и ловните планови;
  • овозможува стручна помош на своите членови;
  • издава ловечки списанија и друга ловечка литература.

И тоа не е се. Според нивниот закон предвидено е постоење и на “Ловачка Комора“ која се формира заради остварување и заштита на правата и интересите на ловечките работници и унапредување на ловството во склад со одржливото стопанисување со популациите на дивечот, општиот интерес и општоприфатените меѓународни стандарди во ловството.

Ловечкиот сојуз на Србија има околу 257 делагати, а во него се вработени 9 лица. Постоењето и работата на ловечкиот сојуз на Србија и нејзината ловечка комора е регулирана дури со 7 членови од нивниот “Закон о двиљачи и ловству“.

 

Ловечки сојуз на Црна Гора

 

Значаен фактор во ловството во својата држава преставува и “Ловечки савез Црне Горе“, кој ги обавува сличните активности како и ловечкиот сојуз на Србија. Црногорскиот ловечки сојуз покрај другото учествува во:

  • подготовка на стручните подлоги за донесување на развојот на ловството, ловните основи и ловните планови;
  • организира полагање на ловечки испити, соколарски испити и испити за оценување на ловечки трофеи;
  • учествува во организирање и изведување на образование и обуки на ловците;
  • издава и соработува при изработка на стручна литература и публикации од областа на ловството;
  • се грижи за развојот на ловечката кинологија и ловното стрелаштво;
  • организира изложби на трофеи од дивеч;
  • соработува во пропагирање на сите видови ловен туризам и др.

На ова се надоврзуваат и голем број на други ингеренции кои ги има овој ловечки сојуз.

 

Хрватски ловечки сојуз

 

 Седиште на Хрватскиот ловечки сојуз

Исто така, со својата организација и моќ се истакнува и “Хрватски ловечки савез“. Долг е списокот на сите активности кои ги извршува овој ловечки сојуз, помеѓу кои ќе ги наброиме следниве:

  • организира и спроведува ловечки испити, испити за ловочувари, испити за оценување на ловечки трофеи како и за други ловностручни звања;
  • организира стручни советувања, семинари, предавања и секој вид на друга помош на ловечките друшта;
  • ја потпомага и потикнува научно-истражувачката работа;
  • го поттикнува и учествува во донесувањето на измените и дополнувањата на законите и подзаконските акти од областа на ловството и заштитата на природата;
  • учествува во организирање, развивање и унапредување на ловната кинологија и ловното стрелаштво;
  • активно им помага на своите членки во развојот на ловниот туризам;
  • го промовира ловството преку чување и прикажување на врвните трофеи на државата во нивниот ловечки музеј, како и на соодветни ловечки изложби;
  • организира издавање на свој весник;
  • го унапредува одгледувањето на дивечот преку доедукација и ја развива ловната етика;
  • им нуди разна стручна помош на ловечките здруженија.

За извршување на своите активности Хрватскиот ловечки сојуз има вработено 10 лица, помеѓу кои и еден магистер од областа на ловството. Тие се сместени во своја зграда, кој е репрезентативен објект во чиј склоп се наоѓа и ловечки музеј.

 

Национално Ловно-рибарско сдружение - Сојуз на ловците и роболовците во Бугарија

 

Кај нашиот источен сосед ловците се организирани преку Сојуз на ловците и роболовците во Бугарија. Тоа е можеби најмоќен и најорганизиран сојуз од нашето блиско опкружување со 115 годишно постоење, во кое се вработени 19 лица, од кои барем 8 се експерти. Дејностите, ингеренциите, квалитот и организационата поставеност кои ги има овој сојуз се “научна“ фантастика за нас и чисто се сомневам колку и да се трудиме дека некогаш ќе го достигнеме нивното ниво. Ваквата состојба е олицетворение и на квалитетот на нивните ловишта, така што ловството во соседна Република Бугарија преставува сериозна и престижна гранка.

 

Состојба на ловечката федерација на Македонија

 

Како што се гледа од претходнато кратка презентација на ингеренциите и активностите на ловечките форми на здружувања на ловците од државите од блиското опкружување, може да се каже дека улогата на нашата ловечка федерација во ловството е само симболична.

Шеговито кажано, ако се земе во предвид дека нашата ловечка федерација има само еден вработен и дека речиси да не им нуди никакви услуги на ловечките друштва и ловците, може слободно да се каже дека нашиот маалски бербер “Штуки“ е многу поважен правен субјект и има позначајно место во општеството, бидејќи не само што има поголем број на вработени, туку има и поголем број задоволни лица од неговите услуги и работа.

Работата на ловечката федерација на Македонија се сведува на “човек федерација“, кој ни крив ни должен е доведен до тоа се сам да работи. Работата на федерацијата е сведено на тоа да биде само “англиска кралица“, а реално со само еден вработен па и нема потенцијал за ништо повеќе. За жал, наместо во неа да се вработат стручни лица, како на пример што е единствениот невработен магистер по ловство во нашата држава, на него му се нуди како голема животна прилика да биде “потрчко“ на некојси белосветски новопечен концесионер кој и самиот сеуште не е свесен во што го вплеткале.

Како последица на нефункционалноста на ловечката федерација на Македонија, се плашам дека при евентуалната изработка на нов закон за ловството може да се случи да бидат запоставени ловечките друштва и ловците, па тој да се донесе во затворен круг на луѓе или со неколку селективно одбрани ловечки друштва. Затоа можеби е најдобро прво да се постави ловечката федерација на Македонија на здрави нозе, соодветно да се екипира и стане она што треба да биде, како и активно да се фклучи катедрата за ловство при шумарскиот факултет од Скопје, па после да се отпочне процедура за евентуална изработка на нов закон за ловството. Се друго ќе биде катастрофално.

Како доказ за ова се штетните законски одредби кои силно ги погодуваат ловците не само според законот за ловството, туку и на други закони по примерот на законот за оружје, на пример според кој се отежнува процедурата за добивање дозвола за набавка за оружје.

Но ваквата состојба со нефункционалноста на ловечката федерација не е за сите лоша. Се чини дека одредени поединци нашле простор за заработка, па преку разни услуги кои федерацијата би требало да ги извршува бесплатно, во изминатиов период заработија “мало богатство“ на грбот на концесионерите, ловечките друштва и ловците.

 

Останати причини за влошените состојби во ловството

 

Сепак реално, за влошената состојба со ловството во нашата држава се чини дека не е причина само нефункционалноста на ловечката федерација, туку и некоординираноста на факторите кои теба да одлучуваат за иднината на ловството и да го трасирааат патот кон иднината (МЗШВ, и какви-такви ловечка федерација и катедра за ловство при шумарски факултет). Кога станува збор за катедрата за ловство при шумарскиот факултет во Скопје, може да се констатира дека за жал во изминатиов период кај нас тотално е маргинализирана науката, што секако негативно се одразува врз целокупните состојби во ловството.

Нефункциналноста на ловечка федерација, маргинализирањето на катедрата за ловство и на нашите научни институции од областа на туризмот, како и несоработката помеѓу факторите во ловството во нашата држава, доведе до тоа да се распише меѓународен јавен оглас за изработка на стратегија за развојот на ловствниот туризам во Република Македонија, за која се сомневам дека воопшто ќе биде реална и квалитетна доколку неа навистина не ја изработуваат научници од областа на ловството и туризмот.

Кога веќе станува збор за оваа стратегија за развој на  ловниот туризам, ловните друштва и ловците би требало малку повеќе да се во тек со нејзината изработка и содржина, бидејќи на крајот цехот ќе го платат тие, со тоа што ќе им бидат наметнати некои решенија кои колку и да изгледаат нелогични и да се скапи за реализација, ќе мора да ги спроведат.

 

Останува надежта

 

Иако во нашата држава има голем број лица кои се стручњаци за “се и сешто“, се надевам дека конечно развојот и стратегиите, како секаде во светот ќе им препуштат на лицата од науката (дали се тоа факултетите или лица со научни тутули како магистри и доктори на науки), кои врз база на признаени научни методи, проучувања и анализи ќе го трасираат патот кон подобра иднина за ловството во нашата држава.

Останува на ловните друштва, концесионерите и ловците во нашата држава да се надеваат дека наскоро ќе се доведат во ред работите во ловството и ќе доекипира и профункционира како што треба ловечката федерација на Македонија. Останува да се надеваме дека одговорните лица и факторите кои би требало да го влечат ловството напред, конечно ќе ги надминат проблемите и недоразбирањата и ќе почнат да соработуваат за доброто на ловството и на ловците.

 

Weather

Sunny

3°C

Skopje

Sunny
Humidity: 50%
Wind: W at 1.61 km/h
Thursday
Mostly cloudy
-4°C / 2°C
Friday
Cloudy
-5°C / 1°C
Saturday
Scattered showers
0°C / 4°C
Sunday
SP_WEATHER_RAIN_AND_SNOW
0°C / 5°C

Translator

Visitors Counter

861472
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
556
674
1842
8823
861472

Your IP: 54.227.186.112
Server Time: 2018-12-12 16:12:54
Web Analytics