Ловиштето се простира по јужните и југозападните падини на Осоговските планини, кои претставуваат голем планински масив со мошне изразен релјеф. Како резултат на тоа, релјефот во ловиште е многу разгранет (дисециран), испресечен со многу долови, кои воглавно имаат правец на протегање од север кон југ. Ловиштето се карактеризира со голема вертикална расчленетост од 1.634 m, благодарение на што во него се сретнуваат голем број на климазонални заедници. Тоа допринесува дивечот да има природна храна и во изобилство во текот на целата година.
Во ловиштето постои релативно добро развиена патна мрежа од сообраќајници од разни категории, преку која е можен лесен пристап до неговите ловни терени. Таа во најголем дел е изградена од црни (шумско-камионски) патишта, поради што движењето по нив е најсигурно со теренски возила.
|
Складиште |
До ловиштето најлесно се пристигнува преку регионалниот патен правец Кочани - Пониква кој е со квалитетна асвалтна подлога редовно се одржува и чисти од снежни наноси, поради што е прооден во текот на целата година. Од него кон внатрешноста на ловиштето, се одделуваат повеќе кои водат до населените места, како и до повеќе локации во ловиштето. Покрај сообраќајниците за моторизиран сообраќај, во ловиштето постојат и голем број на пешачки и коњски врвици кои се протегаат до скоро сите делови на ловиштето.
Главни ловностопански видови на дивеч во ловиштето се срната и дивата свиња, но во него се сретнуваат и повеќе видови на ситен дивеч како што се зајак, еребица камењарка, грлицата, повеќе видови на гулаби, шумска шљука и др., кои видови корисникот на дивечот во ловиштето има право да ги исползува во согласност со Законот за ловството.
Покрај нив во ловиштето се сретнуваат и одредени видови на дивеч без заштита, од кои најзастапени се волк, лисица, куна златка, јазовец, страчка, јастреб кокошкар и други.
Сепак, она по што ова ловиште значително се издвојува од останатите ловишта во нашата држава е неговиот ограден простор за интезивно одгледување и застрел на дивеч кој е со површина од околу 900 ha, во кого се наоѓа најголемата популација на елен лопатар во нашата држава. Покрај еленот лопатар, во оградениот простор има и обичен елен, дива свиња и муфлон.
|
|
Елен лопатар во оградениот простор |
Ловечка куќа “Пашаџиково“ |
Во изминатиот период посветено е големо внимание при стопанисувањето со оградениот простор во ловиштето, поради што градениот простор опремен е со голем број на ловнотехнички и ловностопански објекти. Кај м.в. “Пашаџиково“, на самиот влез во оградениот простор, постои ловечка куќа која нуди добри сместувачки услови за ловците.
![]() |
Спортско-рекреативен центар “Пониква“ |
Во границите на ова ловиште се наоѓа и зимскиот спортско-рекреативент центар “Пониква“, во кој постојат уредени скијачки патеки и квалитетни сместувачки капацитети. Со тоа значително е зголемена понудата од дополнителни активности за ловните туристи, кои освен квалитетна ловна понуда често бараат и добро организирана вонловна понуда за пополнување на нивното време.