Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Ловиште “Џумајлија“

Posted by  Published in: Ловишта

 Според многу параметри ова е најубавото и најатрактивно ловиште за ситен дивеч во нашата држава. Ова е едно од ловиштата со кои можеме како држава да се пофалиме во полето на ловството на меѓународен план. Тоа се наоѓа во средишниот дел од нашата држава и му припаѓа на Средно вардарското ловностопанско подрачје – реон Свети Николе и со него стопанисува ЛД “Еребица“ од Свети Николе кое е можеби најдоброто ловечко друштво во нашата држава.

Ловиштето се простира на површина од околу 10.530 ха од кои најголем дел се земјоделско земјиште. Иако шумите зафаќаат мал дел од површината на ловиштето, тие се распоредени во големиот број ветрозаштитни појаси што создава идеални услови за ситниот дивеч. Благодарение на ваквата структура на вегетацијата, дивечот на мал простор има и храна и места за криење во текот на целата година.

 Ловиштето е многу пристапно и комуникациски отворено со сообраќајници од разни категории. Пристапот до него е можен преку две брзи и квалитетни сообраќајници, од кои првата е магистралниот патен правец Велес – Штип кој минува низ јужниот дел од ловиштето и регионалниот патен правец Куманово – Свети Николе – Кадрифаково кој минува во непосредна близина на неговата источна граница. Густата мрежа од локални и полски земјани патишта овозможува лесен и брз пристап во секој дел од ловиштето, така што не претставува никаков проблем да се стигне до ловните терени во него.

 Теренот во поголемиот дел од ловиштето е рамничарски со благо заридести делови каде тој периодично расте и опаѓа. За разлика од ова, западниот дел од ловиштето како и на потегот во делот помеѓу селата Црнилиште и Кнежје теренот е ридест, но ридовите се ниски и малку од нив поминуваат 500 метри. Како резултат на ваквата градба на релјефот нема некоја голема разлика помеѓу најголемата и најмалата надморска височина во ловиштето која изнесува околу 300 метри.

Ловиштето е под влијание на умерено-континенталната клима која се карактеризира со струење на студени воздушни маси од север во зимата и топлите воздушни маси кои во лето навлегуваат од југ. Климатските услови и конфигурацијата на теренот допринела во ловиштето земјоделските површини да се доминантни во стуктурата на површината. Тие воглавном се блокови од житни култури и сончоглед, прошарани со багремови ветрозаштитни појаси. Во ловиштето постојат и голем број на парцели со лозови насади што има одлично влијание врз зајакот и полската еребица.

Ваквата исклучително поволна структура на вегетацијата и конфигурација на теренот, надополнето со големата грижа за дивечот, создало услови тоа да биде едно од најбогатите ловишта со ситен дивеч во нашата држава. Ловиштето е преполно со зајак и полска еребица, така што вистинска привилегија и чест е не само да се лови, туку и само да се прошета во ловиште како што е ова.

Рака на срце ловиштата од овој регион одсекогаш биле познати по богатството со дивеч, особено со полска еребица, но времињата и условите драстично се променија па сега за да се има полно ловиште со дивеч покрај поволни природни услови потребно е големо знаење, работа и љубов. Ништо од ова не му недостасува на ова ловиште па резултатите се неизбежни.


 

Покрај зајак и полска еребица, во ловиштето може да се ловат и разни видови прелетен дивеч, како што се потполошката, грлицата и шумската шљука, со кои што исто така изобилува ловиштето. Сепак и покрај богатството со ситниот дивеч ова ловиште е далеку познато по волкот, чиј лов во нашата држава секоја година привлекува голем број на странски ловци. Богатството со овој вид на дивеч во најголем дел се должи на тоа што во границите на ловиштето се наоѓа кланицата на МИК од Свети Николе, чии отпадоци се вистински магнет за волците.

Интересно е тоа што во границите на ловиштето се наоѓал најстариот, најголемиот и најзначајниот град од периодот на раната антика (5 и 4 век п.н.е.) главниот град на Пајонците – Билазора (Златна зора). Тој бил седиште на пејонските владетели поради што во рамките на градот постоела и голема владетелска палата. Некои историчари овој град дури го посочуваат и како место каде може се наоѓа гробот на Александар Македонски.

 

 Археолошки локалитет “Билазора“


Во северниот дел од ловиштето, во близина на село Кнежје постојат остатоци од ова населено место, така што ова може да биде надополнување на туристичката понудата за ловните туристи кои го посетуваат ова ловиште. Според истакнати светски професори по археологија, овој локалитет има потенцијал да стане светска туристичка атракција.

За крај, се надевам дека светиниколчани и понатаму ќе продолжат да работат со исто темпо во полето на ловството, бидејќи тие се убав пример како успешно да се стопанисува со ловиште. Државата има интерес и потреба од вакви концесионери бидејќи тие со својата работа не само што добро се грижат за дивечот и ловиштата, туку и ја афирмираат државата на меѓународен план.

Меѓутоа ова ловиште е добар пример и за неблагодарноста од страна на државата кон добрите концесионери кои добро си ја вршат својата работа и одлично се грижат за дивечот и ловиштата. Тие создавајќи елитни ловишта на некој начин си ја сечат гранката на која седат, бидејќи кога ќе им истече концесијата сите сакаат да им ги земат.



Weather

Mostly clear

11°C

Skopje

Mostly clear
Humidity: 85%
Wind: WSW at 6.44 km/h
Thursday
Sunny
8°C / 23°C
Friday
Mostly sunny
10°C / 24°C
Saturday
Mostly sunny
7°C / 23°C
Sunday
Rain
6°C / 17°C

Translator

Visitors Counter

818048
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
547
523
1070
8887
818048

Your IP: 54.166.207.223
Server Time: 2018-10-16 23:19:56
Web Analytics