Login to your account

Username
Password
Remember Me

Create an account

Fields marked with an asterisk (*) are required.
Name
Username
Password
Verify password
Email
Verify email

Macedonia Hunting

Развој на ловството во Валандовско

Posted by  Published in: Ловечки друштва

Според сеќавањето на некои постари ловци како и од понудените податоци, може да се констатира дека ловството во валандовскиот крај има долгогодишна традиција. Почетоците на овој рекреативен спорт датираат ушто од периодот по завршувањето на првата светска војна во далечната 1922 година. Ловот во тој период бил недоволно организиран и претежно се ловело стихијно. 

Во периодот помеѓу двете светски војни во периодот кога овој крај се наоѓал под власта на Кралството СХС (од 1929 година Кралство Југославија), ловот се сметал како еден вид спортување и разонода: пешачење, другарување, престој во природа и на чист воздух., ловџиски средби и гозби на отворен простор и сл. Со одење на лов, првите ловџии го разбивале едноличниот монотон живот, како во градот, така и во другите населени места во Валандовската Котлина.

 Првите ловџии, во периодот помеѓу двете светски војни, биле мошне дисциплинирани во ловството, во отстрелот на дивечот, што допринело за намножување на дивите животни. Особено била намножена дивата свиња и тоа најповеќе во планинската месност Карадак. Поради тоа во ова ловиште доаѓале ловци од разни страни на тогашната држава при што немало лов да се врата без улов. Од поистакнатите ловци за тоа време бил во тоа време популарниот ловец Мика Брада кој бил еден од најдобрите ловци на балканот. Тој своите впечатоци од ловот во овие краишта ги опишал во две статии: “По огранцима Карадага“ објавена во списанието “Ловац“ во 1932 година и “У магли изнад ње“ објавено исто така во списанието “Ловец“  во 1939 година. Од списите на овој познат ловец  од 1932 година се дознава за имињата на некои ловците од овој крај. Од истиот ловец се дознава дека последниот елен на Карадак е отстрелан во 1923 година.

 

 

За време на втората светска војна во овој крај се чувствувала стагнација на ловството, особено на почетокот на бугарското владеење (1941 година). Сепак, во наредните 2-3 години окупаторската власт овозможила да се негува и развива ловството во Валандовско. Тогашните ловци биле под контрола на полицијата. Секој ловец имал оружен лист, ловечка дозвола и членска книшка издадена од страна на службениците на бугарската власт во Валандово. Одговорни ловџии за развојот на ловот во Валандово и околината тогаш биле Ристо Стамков и Серафим Керамитчиев. Според сеќавањето на постарите ловци, пред ослободувањето иако немало ловечко здружение во Валандово, ловџиите повремено се собирале кај манастирот “Свети Ѓорѓија“, каде што воделе разговор за ловството и раменувале ловечки искуства. На вакви средби на ловците, главно се зборувало за редот и дисциплината во ловот и во отстрелот на дивечот, за заштита на полезен дивеч, за уништување на штетниот дивеч и слично.

 

 Манастир “Свети Ѓорѓија“

По завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, во годините на слободен живот, ловот во Валандовско почнал да се развива, иако недоволно организиран и без ловечки здруженија. Пo ослободувањето во 1946 година бил формиран Ловечкиот сојуз на Македонија, со седиште во Скопје, како и неколку потсојузи, главно, во поголемите градови во нашата земја. Во Валандово и околните населени места се до 1947 година немало формирано ловечка асоцијација, која ќе ги обедини ловците од овој крај. Така, малиот број ловци оделе на лов стихијно, инцидентно и неорганизирано.


Co текот на времето, валандовските ловци почнале да чувствуваат потреба за организирано и здружено дејствување во отстрелот на дивечот. Co тоа, потекнала и иницијативата за формирање на едно ловечко здружение во градот, а подоцна и во другите населени места во Валандовското подрачје.

Првото ловечко друштво во Општината Валандово било формирано од мал број на ловџии ентузијасти на 30 декември 1947 година, како Ловно-стрелачко друштво “Орел“.

Поради  немање на соодветна  и  поцелосна документација, како и поради избледнетите сеќавања на некои од старите ловци, не може со сигурност да се утврди кој бил првиот претседател на ЛСД “Орел“ од Валандово. Некои ловци-ветерани се на мислење дека првиот претседател на Валандовското ловно-стрелачко друштво бил Димитар Павлов, и тоа се до 1954/1955 година. Се споменува и тоа, дека првото ловечко здружение тогаш го сочинувале околу 30 до 35 ловци. Интересно е да се напомене дека во овој период покрај мажите имало и една жена ловец валандовчанката Заха Керамитчиева.

 

Во текот на шестата деценија од овој век, се организирале во здруженија и ловците од другите населени места во Општина Валандово. Во 1951 година веќе биле формирани ловечки друштва во селата: Пирава (“Слога“), Јосифово со Удово (“Орел“) и Марвинци (“Елен“), заедно со Брајковци, Балинци и Грчиште, со што биле “покриени“ сите ловни терени во Валандовското подрачје.

Co воведувањето на таканаречениот “Комунален систем на управување“   во   1955   година,   на  ловечките   друштва  им   било наложено да изготват ловностопанска основа, без која не можело да се стопанисува со ловните терени и да се врши отстрел на заштитениот дивеч. Во овој период по иницијатива на претседателот на ЛСД “Орел“ од Валандово Димитар Павлов, доаѓа до интеграција на постојните ловечки друштва во Општината и формирање на единствено ловечко друштво, со седиште во Валандово, наречено Ловечко Друштво “Орел“. Тоа резултирало со зголемување на бројот  на ловците, a се подобриле и редот, дисциплината и организацијата во ловството.

Председател на ЛД “Орел“ во периодот помеѓу 1955 до 1965 бил Трајко Зафироф. Во тој период во ловиштата имало многу дивеч и за лов на диви свињи се одело во ловните терени на Беласица, Погана и Градечка Планина, а за лов на зајак во атарите на Валандово, Чештово и Дедели. Се организирале и хајки за уништување на штетен дивеч (волци, лисици, страчки и др.). Почетокот на ловната сезона свечено се одбележувал со прослави кои се организирале на 11. октомври под јаворот во месноста Пирин Чешма (покрај Деделиски Пат) и кај чешмата во месноста Чапарица, на кои присуствувале сите члемови на ЛД “Орел“.

 

 На лов во месноста “Вистерно“, горе над село Раброво, 1962 година. - На фотографијата

(од лево на десно): гостин-ловец (Раде од Белград), Ставре Попов, Ѓорѓи Сапунџиев

(двајцата од Валандово) и четвртиот е гостин-ловец (Саво од Белград, брат на Раде).

 

Во мај 1967 година, ЛД “Орел“, во периодот кога претседател бил Трајко Боев, изготвило неколку  Правилници со кои се прецизирале основните задачи на друштвото, како и Правила за разграничување на ловните терени и ловење во нив со одреден вид ловечки кучиња. Во мај 1967 година  Ловечкото Друштво Орел“ потпишува Договор за отстапување на користење на ловните терени во време од 12 години. Според овој Договор, Ловното друштво во Валандово било обврзано: “да го развива ловството и да ги збогатува ловните терени на подрачјето на Општината Валандово со животински свет, да го ограничи бројот на отстрелот на полезен дивеч, да набавува полезен дивеч и да го пушта во ловните терени, да го уништува незаштитениот штетеч дивеч и да врши прехрана на полезниот дивеч за време на елементарни непогоди (поплави, пожари, големи снегови, и сл)“.

Покрај Договорот, во мај 1967 година за четирите ловишта со кои стопанисувал ЛД “0рел“: “Исар“, “Погана“, “Беласица“ и “Карадак“, била донесена и Ловностопанска основа за периодот: мај 1967 - мај 1972 година. Во овие ловишта чиј корисник бил ЛД “Орел“, од ловниот дивеч биле застапени: зајакот, еребицата (полска и камењарка), фазанот, срната и дивата свиња.

Во овој период, откако Ловечкото друштво “Орел“ ги усогласило своите Правила, Договорот за отстапување на користење на ловните терени, како и Ловностопанската основа со постојните законски прописи, било побарано другите ловечки друштва на подрачјето на Општина Валандово, со седиште во Пирава, Јосифово и Марвинци, да се бришат од регистарот на општинските здруженија, бидејќи како такви веќе не постоеле.

Податоци за првите странски ловни туристи на терените на ЛД “Орел“ датираат од есента 1970 година, кога во валандовските ловни терени дошле на лов пасионирани ловци од Италија кога биле и остварени и првите девизи од ловен туризам. Странските ловци за отстрелени 52 полски еребици платиле над 400 долари, што била значителна сума за тоа време. Бидејќи ловците од Италија биле задоволни од отстрелот на дивеч, како и од гостопримството и од богатиот фонд на дивеч, тие побарале да им биде овозможено да останат уште 15 дена главно на лов на зајаци, еребици (полски и камењарки), фазани и диви свињи. На ова барање и покрај високата цена на дивечот за отстрел, тогашното раководство останало доследно на планот за застрел и не им дозволило да ловат повеќе од предвиденото.

Во 1972 година за претседател бил избран ловецот Димитар Павлов. Во овој период осетно била подобрена организацијата во работењето на друштвото, како и редот и дисциплината, а во исто време било забележано и осетно зголемување на членството во ЛД “Орел“.

Во 1974-1975 година на чело на ЛД “Орел“ дошол ловецот Абдула Јашаров од село Дедели. Во тој период членството се зголемило на 333 ловџии.

Во 1976 година за претседател на Ловечкото друштво бил избран ловецот Трајко Зафиров, кој бил на чело на друштвото до март 1978 година. Во овој период бил отстрелан најголемиот примерок на дива свиња во ова подрачје,  капиталец од над 250 кг жива мера кој бил отстрелан во 1976 година во месноста Длабока Река на Погана.

Во март 1978 година по истекот на период од 12 години, ловиштето “Карадак“ од страна на сопственикот – Собранието на општина Валандово, било отстапено на користење на Шумското Стопанство “Саланџак“.

 

 Поглед на градот Валандово

 

Во 1979-1980 година за претседател на Ловечкото друштво повторно бил избран ловецот Трајко Боев.

Во периодот 1983-1984 година за време кога претседател на ЛД “Орел“ бил ловецот Кирил Мелев, биле забележливи активностите околу зголемувањето на фондот на ловниот дивеч (фазанот). Тогаш во ловните резервати долж Анска Река (од село Собри до река Вардар) биле пуштени 1.000 броја едногодишни фазани, а бројот на ловците се движел од 280 до 292.

Ловните терени во рамничарскиот дел на Валандовската Котлина биле збогатувани со фазанска дивеч и за време на двојниот претседателски мандат на ловецот Никола Узунов, кој на оваа функција се наоѓал од март 1985 до март 1988 година. Тогаш во адаптационата волиера кај Валандово биле внесени 600 едномесечни фазанчиња, набавени од фазанеријата во Катланово, кои подоцна биле пуштани во ловните резервати долж Анска Река. Според тогашната евиденција, бројот на ловците – членови на ЛД “Орел“ во овој период изнесувал 330.

Од март 1988 година до март 1990 година било избрано ново раководство на Ловечкото друштво. За претседател бил избран ловецот Тодор Атанасов, а раководната структура претежно ја сочинувале постари и поискусни ловци.

На годишното собрание на ЛД “Орел“ одржано на 3 март 1990 година, во новото претседателство на друштвото влегле претежно млади ловци ентузијасти, а за претседател со четиригодишен мандат бил избран младиот ловец Ѓорѓи Илиев. Во овој период Ловечкото друштво продолжува да функционира со пет ловечки подружници и да стопанисува со три ловишта (“Исар“, “Погана“ и “Беласица“) со вкупна површина од над 23.000 ха. Во овој период континуирано се развива ловното стрелаштво што резултира со постигнување на видни резултати на стрелците од овој крај.

Во втората половина на 1993 година била воспоставена соработка со ловно-риболовните друштва од Петрич и Сандански од соседна Р. Бугарија. Првите контакти се воспоставиле преку учество на натпреварите во стрелање на глинени гулаби.

На годишното собрание  во јуни 1994 година, покрај изборот на Извршен одбор од 11 члена наместо дотогашното Претседателство), за претседател на Ловечкото друштво повторно бил избран Ѓорѓи Илиев.

 

 Покрај младите стрелци на глинени гулаби, на натпреварот во ловно стрелаштво, во дисциплината трап,

што се одржал на 8 октомври 1994 година учествувале и некои возрасни ловци-ветерани. На фотосот:

на стрелачка позиција се наоѓа долгогодишниот ловец Благој Шунтов од Валандово.


Како резултат на напорите за развој на ловното стрелаштво, во текот на 1995 година Извршниот одбор на Ловечкото друштво “Орел“ донесува Одлука за изградба на стрелиште со подвижни мети – глинени гулаби, во дисциплината “трап“. Во исто време била и започната и изградбата на ловечка куќа која била прв ваков наменски објект на овој реон. Овие два објекти биле изградени и предадени во употреба во 1996 година.

Во 1997 година со новото востановување на границите на ловиштата во Р. Македонија на четирите ловишта во овој регион “Карадак“, “Беласица“, “Погана“ и “Исар“ им се изменети границите и се преименувани во “Градец“, “Башибос“, “Честово“ и “Пирава“, и влегуваат во рамките на Долно-Вардарското ловно подрачје – реон Валандово.

Во периодот од 1998 до 2009 со ловиштата “Башибос“, “Честово“ и “Пирава“ стопанисува ЛД “Орел“ од Валандово, додека со ловиштето “Градец“ ЈП Маденски шуми“ подружница ШС “Саланџак“ од Валандово.

Овој период се карактеризира со голем број на активности на ловечкото друштво “Орел“, помеѓу кои се истакнуваат изградбата на фазанерија со капацитет од 2500 фазански пилиња и ловечка куќа која е во склоп на фазанеријата со површина од 60 м2. Овие објекти биле изградени во 2004 година кај м.в. “Татарли Чука“ источно од Валандово. Фазанеријата била изградена со сите стандарди за производство на фазани, а за нејзини потреби бил набавен и инкубатор од Италија.

Во 2010 година излегува јавен Конкурс за давање на дивечот во ловиштата по пат на концесија во валандовскиот ловен реон на кој се јавува ЛД “Орел“ и повторно си ги добива на управување своите ловишта. Исклучок од ова претставува ловиштето “Градец“ кое поради незаинтересираноста на ЈП “Македонски шуми“ за понатамошно управување со ова ловиште, го менува својот концесионер и во следните 20 години со него ќе управува ФЛОРЕНС ДОО, Скопје.

           

 Валандовска Котлина

 

Ловечкото друштво “Орел“ од Валандово е едно од поретките друштва во Р. Македонија која има издадено монографија. Автор на оваа монографија под наслов “Развојот на ловството во Валандовско“ е Костадин Кајдамов, а истата е издадена во 1997 година по повод 50 години од формирање на Ловечкото друштво “Орел“ од Валандово. При изготвување на овој текст користени се податоци од истата монографија во која се дава јасен и целосен приказ за развојот на ловството во валандовскиот регион за периодот до 1997 година.

Се надевам дека и останатите Ловечки друштва ќе се потрудат и ќе издадат слична публикација, со која ќе им остават на следните генерации дело кое ќе сведочи за богатата традиција и напорите кои ги вложувале ловците во минатато за развојот на ловството во Македонија.

 


Работено според податоци од монографијата:

            “Развојот на ловството во Валандовско“

                       од Костадин Кајдамов

 

 

 

Weather

Mostly clear

11°C

Skopje

Mostly clear
Humidity: 85%
Wind: WSW at 6.44 km/h
Thursday
Sunny
8°C / 23°C
Friday
Mostly sunny
10°C / 24°C
Saturday
Mostly sunny
7°C / 23°C
Sunday
Rain
6°C / 17°C

Translator

Visitors Counter

818056
Today
Yesterday
This Week
This Month
All days
555
523
1078
8895
818056

Your IP: 54.166.207.223
Server Time: 2018-10-16 23:29:07
Web Analytics